Премиерот и 6 министри седат на две столчиња
Премиерот и министрите кои станаа пратеници веднаш да си заминат од Владата, повикува Антикорупциската комисија изразувајќи загриженост за почитувањето на уставниот поредок и начелото на поделба и контрола на законодавната над извршната власт
Поранешниот собраниски спикер уште на конститутивната седница призна дека се наоѓа во судир на интереси, но протолкува дека нема да има проблем ако тоа остане така.
Менталниот склоп на Џафери е неспоив со демократијата, реагираше вчера на социјалните мрежи професорот по уставно право од скопскиот универзитет Денис Прешова. Го обвини поранешниот спикер за ароганција и силеџиство и повика Собранието веднаш да постапи.
„Собранието мора веднаш да го извести Џафери за постоењето на неспојливост на неговата пратеничка функција со функција во извршна власт и ќе му укаже дека престанала неговата функција претседател на Влада, а не нему да му остава да си толкува правни норми како сака и како му одговара.“ – напиша Прешова на социјалните мрежи.
Доколку Џафери не си поднесе оставка, професорот Прешова смета дека Собранието треба да констатира дека му престанал пратеничкиот мандат.
Покрај Џафери, во слична ситуација се уште неколку министри за кои не се знае, дали идната плата ќе ја земат од Владата или од Собранието. Меѓу нив е и министерката за култура која стана пратеничка, што не и пречеше од име на Министерството како покровител вчера да се обрати на драмски фестивал во Битола.
По две функционерски фотелји држат и Славјанка Петровска, Илир Демири, Фатмир Битиќи, Љупчо Николовски и Благој Бочварски.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
