Премиерот Мицкоски на Самитот ЕУ- Западен Балкан во Тиват

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе учествува на Самитот Европска Унија - Западен Балкан кој ќе се одржи во Тиват, во Црна Гора.
Самитот, како што соопштуваат од Владата ќе се одржи во хотелот „Regent Porto Montenegro", каде што лидерите ќе разговараат за актуелни прашања поврзани со европската интеграција на земјите од регионот и соработката со Европската Унија.
По завршувањето на Самитот во 15:30 часoт е предвидена заедничка прес- конференција во Naval Heritage Museum во Тиват.
На Самитот му претходеше турнејата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта на земјите од Западен Балкан, во рамки на која се сретна со лидерите од регионот, а денеска ќе биде копретседавач на самитот ЕУ - Западен Балкан во Тиват.
Кошта на 2 јуни беше во посета на Скопје, каде се сретна со Мицкоски, а потоа одржаа и заедничка прес-конференција на која премиерот посочи дека македонската позиција е јасна - „остануваме цврсто определени кон европскиот пат, не бараме привилегии, не бараме олеснети правила, не бараме нешто што не им припаѓа на другите, бараме принципи и нормално кредибилен и предвидлив процес, бараме процес во кој реформите, трудот, заслугите, и исполнетите обврски ќе бидат вистински вреднувани“
- Во изминатиот период работиме посветено на реформската агенда, на јакнење на институциите, на стабилизирање на економијата, на привлекување на инвестиции, на подобрување на јавните услуги и на создавање на систем што ќе биде поефикасен, поправеден и поблиску до граѓаните - рече Мицкоски на прес-конференцијата во Скопје.
Премиерот потенцира дека Европа била најсилна тогаш кога покажувала визија, политичка храброст и доследност кон сопствените вредности. Кога била простор на можности, правда и предвидливост.
- Разговаравме и за економската интеграција, инфраструктурното поврзување, енергетската сигурност, инвестициите, конкурентноста и за отворање нови перспективи за младите генерации. Затоа што европската интеграција не е апстрактна политичка тема. Таа за граѓаните значи поквалитетно образование, подобро здравство, ефикасни институции, сигурни работни места, повисок животен стандард и чувство дека иднината може да се гради дома, а не надвор - истакна Мицкоски на прес-конференцијата и на Кошта му рече дека верува во партнерски дијалог, во искрен разговор, меѓусебна почит и заемно разбирање.
- Но, верувам и дека достоинството, идентитетот и принципиелноста не треба да се пречка за европската перспектива-тие се нејзин составен дел - рече Мицкоски.
Кошта, пак повтори дека усвојувањето на договорените уставни измени останува единствениот начин за формално започнување на пристапните преговори на земјава со ЕУ.
- Тоа е единствениот начин за отклучување на целосните придобивки од членството во Европската унија за граѓаните на Северна Македонија, тоа значи Македонците. Таа останува најголемиот инвеститор и најважен трговcки партнер. Остануваме да ве поддржиме и политички и финансиски, но на крајот моќта да ја обликувате вашата иднина е во ваши раце – изјави Кошта.
Според него, единствениот начин да се постигне напредок кон европската интеграција е преку конструктивен дијалог со соседите, преку преземање прагматични чекори за градење доверба и спроведување на неопходните реформи. - Она што било договорено во 2022 година треба да се испорача и ништо повеќе од тоа - рече тој додавајќи дека треба да се отворат и затворат кластерите чекор по чекор и дека тоа е процес кој се заснова на заслуги.
Во рамки на европската турнеја Кошта ги посети и Сараево, Тирана, Приштина, Белград, а ја заокружи со посета во Црна Гора, а денеска ќе биде копретседавач на самитот ЕУ - Западен Балкан. Главната тема на овој самит е „Заедничкиот просперитет и стабилност на ЕУ и Западен Балкан“.
МИА
Ново на Сител
-

Австралија заплени рекордни 100.000 илегални егзотични лебарки
-

Почна доброволното служење воен рок за жени во Грција со 72 кандидатки
-

Форбс: Тејлор Свифт е најбогатата музичарка во историјата
-

Македонските аеродроми меѓу најбрзорастечките во Европа, бележат рекордни 31 отсто раст во патничкиот сообраќај за првите 5 месеци
-

Барселона фаворит за потписот на Камбијасо
-

ЕУ: Засега нема знаци за недостиг од авионско гориво во Европа
-

Фицо: Изјавата на Маѓар дека Унгарија граничи со самата себе само ја зголемува напнатоста
-

При зголемен сообраќај, системот ЕЕС во Грција може привремено да функционира без земање биометриски податоци
