Македонија
13. December 2015 - 16:23

Премиерот Никола Груевски го означи крајот на градежните работи НА Детската болница Козле

Комплетно е изградена детската болница Козле . Бараките стари 50 години заминаа во историјата. Новиот современ објект  е граден од темел и се протега на површина од 6.700 метри квадратни. Има два дела поликлиника и стационар со над 50 соби и 210 кревети за болните деца кои ќе престојуваат  заедно со еден родител. Во дневната болница ќе се згрижуваат од 30 до 40 деца. Во посебни простории за прв пат ќе има Центар за цистична фиброза.

-Денес со големо задоволство можеме да констатираме дека Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле врти нов лист од својата историја. Денес свечено го пуштаме во употреба новиот објект кој започнавме да го градиме во 2012-тата година. Станува збор за еден од најкрупните проекти во областа на здравството и инвестиција вредна околу 7 милиони евра, изјави Никола Груевски, премиер на Р. Македонија.

Во новата зграда на Институтот за белодробни заболувања ќе има комплетно опремени интензивна и постинтензивна нега. Вкупно 18 амбуланти, 2 општи и 16 специјалистички, лабораторија, сопствена кујна...

-Просечното време на завршување на дијагностиката по пациент се очекува да биде помалку од 2 часа што е на ранг на најразвиенте европски стандарди, а веројатно и реткост во Европа. Тоа значи дека за најмногу 2 часа (за поспецифичните случаи, а за полесните случаи и многу побрзо) може да се завршат сите потребни прегледи и испитувања, почнувајќи од комплетна биохемија, микробиологија со земање брисеви, ушен преглед, ЕХО на бели дробови, рентген, итн. Многу е значајно што практично нема време на чекање, со што и децата се ослободени од дополнителни оптоварувања да чекаат, рече Никола Тодоров, министер за здравство.

Новата детска болница во Козле ќе функционира како мал клинички центар

-Чекавме со години да добиеме нов објек и конечно денеска после толку децении имаме нов Институт што претставува радост за нас вработените, но и за нашите пациенти кои доаѓаат од цела Македонија, Во овие три години додека се градеше новата зграда ги поминавме во едукација и над 50 проценти од вработените поминаа обуки во Италија, Софија, Турција за да научат нешто повеќе. Затоа воведовме многу нови методи, рече Зафировски и додаде дека на обука биле и голем дел од медицинските  сестри, лаборантитет и рентген техничарите. Новиот објект, е дополнителен мотив да продолжиме да се едуцираме и да станеме  регионален центар во доменот на детската педијатрија, пулмологија, алергологија, имунологија и детска туберкулоза, истакна д-р Оливер Зафировски, директор на Детската болница Козле

Годишно во Институтот за белодробни заболувања здравствени услуги добиваат околу 40.000 деца, од нив 4000 се лекуваат болнички.