Македонија
8. July 2025 - 19:52

Претседателката ќе го чека новиот закон за да предложи нов член на Судскиот совет

Силјановска Давкова нема да предложи име за нов член во Судскиот совет на местото на Милјазим Мустафа чиј мандат истекува утре. Претседателката на државата ќе го чека новиот закон бидејќи според неа актуелниот начин на кој се избираат членовите е лош и со несоодветни критериуми.

Токму од тие причини не сака да дозволи уште некој да се протне во судскиот совет, состав чие работење вели често го критикувала. Ваквото образложение ќе го испрати и до собранискиот спикер.

-Сугерирано ми е, и мислам дека е тоа во ред, да го почекам донесувањето на законот, министерот тврди дека тоа ќе оди брзо, решенијата од новиот закон се многу построги, попрецизни, појасни.

Актуелниот закон овозможува политизација и партизација во судскиот совет вели Сиљановска Давкова и потенцира дека токму поради ова таа често го критикувала работењето на актуелниот судски совет.

-Кога мерам јас не би сакала во последниот воз или налет по стариот закон каде што не е јасно што е тоа истакнат правник, а да не говорам и за самата постапка, таа не е конкурентна, не е компетитивна, со еден кандидат е, има решенија кои што мислам дека е добро секој нов член на Судскиот совет да ги исполни за да влезе во Судскиот совет.

Предлог- законот за судски совет е во владина процедура откако претходно доби и позитивно мислење од Венецијанската комисија. Министерот за правда вчера апелираше до пратениците да ја препознаат итноста од носењето на овој закон.