Претседателката на Индија Мурму во посета на Македонија
Со највисоки државни и воени почести претседателката на Индија Друпади Мурму ја стартуваше дводневната посета на Македонија. Зајакнување на билатералните односи, но и отворање на резидентна Амбасада на Индија во земјава, се само дел од договорените работи со нејзината домаќинка претседателката Гордана Силјановска Давкова. Контактите меѓу Скопје и Њу Делхи мора да станат поамбициозни, се согласиле двете страни. Претседателките поставиле амбициозна цел трговската размена да порасне од 133 на 500 милиони долари.
Индиските искуства во автомобилската индустрија, фармацевтската, традиционалната медицина, информатичките технологии, вештачката интелигенција, дигиталната трансформација, научните истражувања се само дел од секторите преку кои ќе се јакне соработката.
По средбата во Вила Водно Мурму ја посети црквата Св. Спас и се поклони пред гробот и на македонскиот великан Гоце Делчев. Се обрати и во македонскиот парламент каде оставри и билатерална средба со спикерот Гаши. На работен ручек со премиерот Мицкоски било оценето дека оваа историска посета претставува значаен чекор кон отворање нови перспективи за соработка меѓу двете пријателски држави .
Во бројната делегација на Мурму се и 40 биснизмени кои во Скопје допатувале со проекти и планови за економска соработка.
Во името на индискиот народ делегацијата утре ќе постави и биста на Махатма Ганди и ќе ја посети спомен куќата на Мајка Тереза која има силно влијание во индиската историја. Посетата на Македонија ќе ја заврши со посета на Охрид. Ова е прва посета на индиски претседател на државава.
-
Ивана Соколовиќ Најдовa
Сите содржини од овој новинар
