Прилепските борци без конкретен став за измените на Уставот во делот на преамбулата
Организацијата на Борци од Прилеп, градот Херој, градот кој дал најмногу жртви и Народни херои за време на НОБ, без конкретен став околу тоа дека Владата планира одлуките на АСНОМ да се отфрлаат од Преамбулата на Уставот, а истите да бидат заменети со Прогласот на АСНОМ. Борците рекоа не сакаат да ги коментираат политичките одлуки, туку само порачаа дека придобивките на АСНОМ требало да бидат зачувани во Уставот.
„Јас не би навлегувал во тие сфери, но секао мислам дека во Уставот треба да се почитува НОБ и придобивките на АСНОМ. Ние секогаш сме се чувствувале како Македонци и така ќе се чувствуваме. И во бившите режими и еден и друг, секогаш сум се чувствувал како Македонец, ниту Бугарин, ниту Србин, туку само како Македонец“, рече Круме Соколоски, претседател на организација на борци во Прилеп.
Инаку денеска во Прилеп со положување на свежо цвеќе на спомениците на Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифоски Питу, Могила на Непобедените и споменикот на Песиобрдце, се одбележа 3 Ноември, Денот на ослободувањето на Прилеп од фашистичкиот окупатор.
„Тука сме да се поклониме пред Могилата на непобедените, пред загинатите борци, кои ни оставија аманет да ја чуваме нашата држава и сите заедно да се бориме за подобар животен стандард, за поголем развој на нашиот град и за подобар живот на сите граѓани на Прилеп“, рече Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.
„Мотивот кој го имале нашите предци, да се изборат за слобода, независност и државност, нека биде поттик повеќе за сите нас, без разлика на нашата верска, политичка или било каква друга определба, да се избориме за економски просперитет. Да се избориме да бидеме рамо до рамо со најмоќните држави во светот “, нагласи Миле Талевски, претседател на Советот на Општина Прилеп.
Вечер по повод празникот ќе се одржи свечена седница на Советот на Општина Прилеп на која ќе бидат доделени наградите за животно дело, плакетите и дипломите „3-ти Ноември“ на заслужни граѓани на Прилеп.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар
