Приватните превозници со блокади на скопските сообраќајници до исполнување на нивните барања
Приватните превозници вклучени во Јавниот линиски превоз денеска од 7:00 часот со повеќе од 30 автобуси протестираат со целосно блокирање во сите правци на крстосницата кај „Мавровка“, односно булеварот „Гоце Делчев“ и булеварот „Крсте Петков Мисирков“. Од приватниот градски автобуски превозник „Слобода превоз“ велат дека не е утврдено времетраењето на протестот бидејќи се планира да трае до исполнување на барањата.
Оттаму најавуваат дека ако брзо не се решат нивните барања во наредните денови блокадата ќе се прошири и на други делови од сообраќајниците во Скопје. Во рамките на активностите за решавање на актуелниот проблем денеска „Слобода превоз“ треба да оствари средба со УО на ЈСП, а исто така претставници на приватните превозници ќе присуствуваат на седницата на Советот на Град Скопје.
Поради најавениот протест, СВР Скопје од 7 часот наутро ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот на двата булевара и околните улици. МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.

– На средбата со УО на ЈСП ќе побараме информации поврзани со долгот на ЈСП-Скопје и зошто директорот не ги исполнува обврските од договорот, како и информации за изнесените невистини од страна на градоначалникот за наводен криминал со билетите за превоз и кражба на пари, кои одговори секако дека ги имаат службите на ЈСП, бидејќи тие се најинволвираните, задолжени и компетентни во целиот процес од набавка , дистрибуција до продажба на билети и за функционирање на АВЛ системот и системот за наплата. Тие како такви точно знаат за тоа каква е вистинската состојба и документација во овој процес наспроти „Слобода превоз“ која нема никаква ниту улога во тој процес и нема никаков пристап до тие податоци. Јавноста не смее да биде дезинформирана особено за состојби за кои постојат записи, аргументи и факти, посочија вчера во соопштение до медиумите од „Слобода превоз“.
Инаку, во петокот приватните превозници добиле ветување од Советот на Град Скопје дека ќе стори сѐ што е во негова надлежност за да се надмине проблемот со кој се соочуваат превозниците.
Претседателот на Здружението на приватни превозници „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, во изјава за медиумите дадена по средбата со советниците на Град Скопје во петокот, рече дека автобусите на приватните превозници нема да возат сѐ додека не се реши проблемот.

– Целта на оваа средба е постигната. На следната седница што ќе се одржи во понеделник преку советнички прашања ќе побараме одговори на се она што ние не можеме да го добиеме. Советот во рамки на неговите надлежности ќе направи се за надминување на оваа состојба. Добро е што сите претставници на советниците сакаат да се реши ова, изјави Јовановски, додавајќи дека останува проблемот со ЈСП кое ги одложува исплатите кон приватните превозници.
Претседателот на Советот на Град Скопје Трајко Славески, по средбата изрази жалење, што, како што рече, „после три децении од функционирањето на приватните превозници во одвивањето на јавниот превоз на територијата на град Скопје не се успеало да се интегрираат тие во вршењето на јавниот превоз без да има некои посериозни проблеми“.
– Од средбата разбравме дека проблемите всушност ескалираат по јули оваа година. Претходно, имало доцнење со уплати на аванси. Ние не навлегувавме во тие сметки, тоа е договорен однос, но долгот од околу 60 милиони е креиран со престанокот на уплати за извршените услуги од страна на приватните превозници во август, септември и октомври, рече Славески, дополнувајќи дека како Совет немаат надлежност за решавање на овој спор.

Минатата недела приватните превозници не сообраќаа поради неисплатениот долг од Јавното сообраќајно претпријатие кон нив. Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска минатата недела ги обвини приватните превозници дека од 2017 година наплаќале билети и парите не ги пријавувале, а фактурирале по 400 илјади евра од ЈСП секој месец. Во демантот на таквите обвинувања, превозниците порачаа дека воопшто не се вклучени во наплатата на билети.
Автобусите на приватниот превозник „Слобода превоз“, на линиите 9, 12, 22, 23 и 45, не сообраќаа поради немање средства за нафта затоа што ЈСП Скопје, односно Град Скопје не го исплатил долгот кон компанијата, а потоа беа исклучени и приградските линии 11, 11а, 47, 55, 61, 63 и 73.
Ново на Сител
-

Рокас: Навистина гледам забрзување на реформите, измените на Изборниот законик се добри и се надевам дека партиите ќе постигнат консензус
-

Мицкоски: Очекувам реалната нето-плата и годинава да биде во позитива, во 2024 година растот беше над 12 отсто, а во време на СДСМ беше во негатива
-

ЦУК: Три активни пожари на отворен простор во земјава до 13:00 часот
-

Силен ветер го разгорува пожарот кај Неокази во Пробиштипско, зафатени две куќи, жителите евакуирани
-

Пожар на Исар во Штип, загрозени куќи – се бара воздушна поддршка
-

Над 400 монети откриени на локалитетот Градиште кај Битола, меѓу нив и од Филип II и Александар Велики
-

Струмица ќе подигне спомен обележје во чест на загинатите пилоти од Хеликоптерската единица на МВР
-

Во Грција ќе пристигнат 245 пожарникари од четири земји за да помогнат во справувањето со пожарите
