Приведени три лица за кои постои сомнение дека подметнувале пожари
Тројца малолетници странски државјани се приведени под сомнеж дека подметнувале пожари. Полицијата ги фатила во близина на Ајватовски рид а при претресот пронашле кај нив две шишиња со бензин, запалка, течен лепак и петарди. Сериозни се индициите дека пожарите се подметнати во координирана акција вели премиерот Мицкоски.
-Не само што се сомневаме, туку имаме и докази, приведени лица посебно на територијата на Скопје затоа што од тоа што го најдовме кај последниот пожар што се случи вчера навечер после девет часот во близина на Смилковско езеро, но и три лица што потоа беа обезбедени, укажува дека постои основано сомнение за координирана и добро осмислена акција особено во Скопје. Но, она што ме радува е што за 24 часа и покрај исклучително тешките услови, температура помеѓу 35 и 40 степени, проследена со силен ветер на моменти и над 100 километри на час, успеавме сето тоа да го ставиме под контрола, вели Мицкоски.
И пожарот кој доцна вчеравечер избувна кај смилковското езеро бил подметнат тврди градоначалникот на Гази Баба. Пожар избувнал истовремено од повеќе различни локации покрај обиколницата.
Се уште гори во Чучер Сандево кај рамна шума каде денеска интервенира ер тракторот на ДЗС. Се интервенира и во Крива паланка каде вчера во шумскиот пожар настрада и едно лице во обид да ја спаси семејната куќа од пламен.
Активни се 8 пожари а пет се под контрола. Вчера на територија на целата држава имаше рекорден број 63 пожари.
Во државата од вчера е прогласена кризна состојба и активиран е механизмот за меѓународна помош. Надлежните информираа дека голем број од пожарите биле околу важни инфраструктурни објекти што дополнително ја комплицирале ситуацијата. За вчерашните пожари на помош пристигнаа канадери од Грција и неколку возила од Бугарија.
Општините упатија јавен повик со кој се бараат околу 400 невработени лица кои ќе помогнат во справување со пожарите. Огласот ќе биде отворен пет дена.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар