Продолжен рокот за пријавување на волонтери за гаснење пожари
Еден активен пожар на територијата на целата држава. Гори кај струмичко Василево на планината Готен.
Според официјалните информации од Центарот за управување со кризи, копнените противпожарни сили во текот на денот добиваат поддршка и од АРМ, но и од воздух.
-Два ер-трактори, како и две возила со екипаж ќе бидат ангажирани на пожарот кај селото Нивичино кај општина Василево. Исто така, на овој пожар ќе биде ангажиран и хеликоптер на Министерството за внатрешни работи, вели Надица Вчкова од Центарот за управување со кризи.
Информациите од терен, пак, велат дека пожарот делумно е ставен под контрола, но се уште има критични точки.
-Јужниот дел на овој пожар не може да го ставиме под контрола во моментов затоа што нема никаков пристапен пат, туку се работи за терен којшто е многу непристапен, терен којшто е многу загаден, терен којшто има и брнар и смрека и деградиран даб, вели Кире Михајлов од Национални шуми.
Нов пожар денеска избувна во скопски Аеродром. Кај населбата Лисиче изгоре сува трева на терен околу кој има дваесетина куќи. За среќа брзата реакција на скопската бригада спречи пожарот да зафати и дел од имотите на локалното население.
Вакви суви празни простори има насекаде низ главниот град. Општина Аеродром веќе објавила повик граѓаните превентивно да ја искосат тревата за да нема опасност по луѓето и имотите.
-Веќе почнавме како општина онаму кадешто немаме разбирање да механизацијата на општината да ја ставиме во функција, да косиме, односно одржуваме тие простори на сметка на сопствениците. Така што, еве еден апел до сопствениците на имоти да ги уредат се со цел да се избегнат вакви несакани последици, вели Дејан Митески, в.д. градоначалник на општина Аеродром.
Помина рокот кој Дирекцијата за заштита и спасување го даде за пријавување на волонтери кои ќе им се приклучат на противпожарните сили на терен, а според кој најдобрите потоа ќе треба и трајно да се вработат како пожарникари. Се пријавиле нешто помалку од 400 луѓе, но најмал бил бројот на лица од Скопје. Директорот на ДЗС е задоволен, но рокот за пријавување го продолжи уште за пет дена.
Планот на ДЗС е да регрутира членови за нова специјална Интервентна пожарна, но и на тој начин да се пополнат празните места во помалите противпожарни бригади ширум државата.
-За секој град има однапред определена бројка којашто ја има и во јавниот повик. Луѓето аплицираат за нивниот роден град или евентуално во некој соседен град и тие таму ќе останат. Со тоа што мојот фокус е на Скопје затоа што луѓето, односно кандидатите ќе се пријават на овој јавен повик ќе влезат директно во ДЗС. Нема да бидат распоредени во Бригадата на Градот Скопје. Влегуваат во ДЗС кадешто ќе можам и јас лично како директор но и човек со големо искуство во областа на селекцијата да го набљудувам целиот тој процес на прием, селекција и одбирање на најдобрите. Формирање на една нова специјална единица за заштита и спасување која ќе понуди нов квалитет, вели Ангелов.
Падот на температурите во изминатата недела ја смири ситуацијата со шумските пожари, но вчерашниот силен ветер низ целата држава повторно го вклучи црвениот аларм, па противпожарните служби мораа да интервенираат во близина на Скопје, Куманово, Градско и Струга.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар