Продолжува санацијата на штети по поплавите во Струмица
Граѓаните погодени од вчерашниот пороен дожд во струмичко ги санираат последиците од невремето. До општинските служби пристигнале вкупно 72 пријави од кои најголемиот дел се домаќинства во градот кои побарале интервенција поради поплавите. Најголемиот дел од пријавите се во Струмица, но екипите на Комуналец и останатите служби интервенирале и во селата Куклиш и Просениково.
Од надојдените води поплавени се дворови, но и домови. Граѓаните кои се најпогодени велат дека навлезената вода достигнала до 40 сантиметри, а штетите се огромни.
Од јавното комунално претпријатие информираа дека нивните екипи денеска биле цел ден на терен и одговориле на сите повици, а расчистени се и наносите од песок на сите улици и напревно перење на истите. Поројниот дожд што ја зафати Струмица вчера во попладневните часови траеше околу еден час. Од надојдените води најпогодени беа неколку улици во пониските делови на градот.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар