Продолжува судењето за пожарот во „Пулс“, Обвинителство треба да презентира листинзи од телефонска комуникација

Со изведување на материјални докази од Обвинителството денеска во судницата во „Идризово“ треба да продолжи судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Обвинителството, како што е најавено, треба да презентира листинзи од телефонска комуникација, со што од материјалните докази предложени од обвинителството ќе остане уште изведување на градежно вештачење и произнесување на вештите лица.
На минатото рочиште обвинителството презентираше докази, како записници од претрес и потврда за привремено одземени предмети од МВР, дописи, известувања и записници од СВР Штип, известувања од Државен пазарен инспекторат, како и предмети од ДПИ за Класик ДМ и ММММ Кафе, налози за вршење инспекциски надзор и записници од извршени инспекциски надзори од ДПИ.
Јавната обвинителка Наташа Сарамандова, пред изведување на доказите, напомена дека ова не е едноставен кривично-правен настан и има бројни докази кои веќе се при крајот на нивното изведување, а најмногу се однесуваат во однос на околностите зошто во овој настан, последицата е починати 63 лица и тешки телесни повреди кај повеќе од 200 лица, од кои повеќето се млади и деца.
-Доколку беше дозволено да се презентира согласно одредбата од член 392 од Законот за кривична постапка, уште во оваа фаза од страна на обвинителството ќе одговоревме на многу прашања поставени од одбраната во забелешките и приговорите, а во однос на лицата кои се опфатени со обвинението, нивната евентуална вина и нивниот особен придонес. Но, сега останува истото да биде сторено во завршен збор - изјави Сарамандова.
По изведувањето на доказите на Обвинителството, материјални докази и сведоци ќе изведува и одбраната, која, како што најави, има и две вештачења.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Ова е една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.
МИА
Ново на Сител
-

Неофицијално: Вечерва во Прилеп уапсен виш јавен обвинител
-

Несовесни студенти го поплавиле реновираниот студентски дом „Стив Наумов“
-

Обвинителството побара доживотен затвор за серискиот убиец од Старо Нагоричане
-

21-годишен скoпјaнeц привeден oткако со мотoцикл удрил во пoлициски службeник
-

Груби на 13 октомври излегува од куќен притвор, нуди гаранција од 335.707 евра за укинување на дополнителната мерка на претпазливост
-

Мицкоски: Починати и иселени лица примале државна помош – откриени над 4.500 фиктивни корисници
-

77-гoдишен пeшaк починал откако бил удрен со патничко возило - возачот го напуштил местото
-

Камион со железни профили криел 79 килограми марихуана – разбиена меѓународна криминална група на Дојран
