Продолжува судењето за „Пулс“ со сослушување сведоци

Со сослушување сведоци и законски застапници на оштетените во судницата во Идризово денеска треба да продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
На минатото рочиште беа сослушани повеќе сведоци, кои кобната вечер биле во дискотеката. Во своите искази тие ја опишаа атмосферата на паника и хаос што настанале во моментот кога пламените јазици и чадот ја зафатиле преполната дискотека, како и последиците што ги трпат до денес.
Случајот го води судијката Дијана Груевска Илиевски и се наоѓа во доказна постапка со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството.
За денешното рочиште, како што е најавено се повикани пет сведоци.
На почетокот на процесот, во воведното излагање, обвинителот Борче Јанев истакна дека судењето е чекор кон утврдување на лична и институционална одговорност, нагласувајќи дека општеството мора да се соочи со вистината – кој дозволил, кој молчел и кој не спречил да се случи трагедијата во „Пулс“. Тој порача дека не е важно само кој го запалил огнот, туку и кој имал можност да го спречи, посочувајќи дека трагедијата не е резултат само на пиротехниката, туку на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и недостиг на контрола што ја претвориле дискотеката во „смртоносна стапица“.
Јанев нагласи дека се бара правда, не како одмазда, туку како последица на незаконитост и занемарена должност. Повеќемина обвинети, преку своите адвокати, ја оспорија основаноста на обвинението. Нивните одбрани тврдат дека обвинетите не презеле дејствија што би можеле да доведат до пожарот, дека поседувале валидна документација и дека трагедијата е резултат на институционални пропусти, а не на индивидуална вина. Одбраната најави изведување докази и сведоци што, според нив, ќе ја потврдат оваа теза.
Во воведен збор, одбраната на првообвинетиот сопственик на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов, истакна дека и по девет месеци притвор не може да поверува во трагедијата и дека како родител никогаш не би дозволил небезбедни услови во клубот. Неговиот син, третообвинетиот Михаил Јованов, преку одбраната тврди дека против него нема ниту еден доказ и дека е обвинет само затоа што е член на семејството Јованови.
Сите останати обвинети изјавија дека не чувствуваат вина за делото што им се става на товар.
На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минималнi технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.
МИА
Ново на Сител
-

Се расчистува поголем одрон од карпа на патот Градско-Велес наспрема ХИВ
-

Уапсен полицаец во Делчево кој возел без положен возачки испит, возилото одземено
-

Во две сообраќајни несреќи тешко повредени три лица, двајца малолетници и еден велосипедист
-

Медведев: Ситуацијата е многу опасна, не може да се исклучи глобален судир
-

Влада: Не знаеме кого Трендафилов чекал во празна сала, средбата помеѓу премиерот Мицкоски и претставниците на УПОЗ е закажана за четврток
-

Ѓоковиќ: Ќе се вратам на АО, но дали ќе ме видите тука како активен играч, времето ќе покаже
-

Дизел горивата поскапуваат за половина денар
-

Аудито на Мерко од 67.000 евра оди на надавање, почетна цена 10.000 евра
