Loading Video...
Свет
20. March 2022 - 16:37

Продолжуваат нападите во Украина - Гранатирано уметничко училиште во Мариопул, втора хиперсонична ракета

Бомбардирано училиште во Мариупол кое било засолниште на околу 400 жени деца и постари лица.

Украинските власти велат дека по нападот на руските сили зградата е уништена а луѓето се под урнатините. Опсадата на овој пристанишен град е терор што ќе се памети со фекови и ќе влезе во историјата за одговорност за воени злосторства, изјави во синоќешното видео обраќање пред нацијата украинскиот претседател. 

Зеленски им се обрати и на граѓаните на Русија дали не ги забележуваат нивните загуби.

-Зарем веќе ништо не ви значат зборовите „син“, „мајка“, „татко“? Веќе повеќе од 14 илјади ваши војници се убиени. Ова се 14 илјади мајки. Ова се 14 илјади татковци. Тоа се сопруги, тоа се деца, роднини и пријатели. И вие ова не го забележувате? Но, ќе има само повеќе жртви. Се додека трае оваа војна. Вашата војна е против нас, Русија против Украина. На нашата земја, изјави Володомир Зеленски претседател на Украина.

Во Мариупол се водат улични борби, а украински пратеници објавуваат снимки дека од бомбардирањата е оштетена една од најголемите челичарници во Европа. 

Воената инфраструктура на Украина и понатаму е цел на напади од Русија која ја лансираше втората хиперсонична ракета кон складиште за оружје. Од руското Министерство за одбрана велат дека уништената цел била главниот извор за гориво за украинските оклопни возила. 

-Крстосувачки ракети калибар беа лансирани од Црното Море кон фабрика за оружје во Нижин која ги поправа украинските оклопни возила оштетени во борбите, изјави Игор Конашенков, портпарол на руското министерство за одбрана. 

Денеска е 25-ти ден од нападот на Украина и турскиот шеф на дипломатијата Чавушоглу вели дека Русија и Украина се приближуваат со договор за клучните прашања, а според портпаролот на Ердоган, задача на Турција е да организира средба меѓу Зеленски и Путин. 

Со повик за прекин на конфликтот денеска се огласи и папата Франциск за кој војната во Украина е бесмислен и неоправдан масакр и нема оправдување за тоа.