Македонија
21. February 2021 - 19:49

Проговори и вакцинираниот секретар од Охридската болница, од надлежните засега само најави за санкции

Ја примив вакцината бидејќи сум член на Кризниот штаб и во директен констант со целиот медицински тим кој влегува во Ковид центарот, вели секретарот на охридската болница Антонио Наумоски кој меѓу првите се вакцинираше против Ковид-19. Тој тврди дека не постоел приоритетен список туку список на вработени кои сакаат да се вакцинираат па поради тоа не чувствува одговорност и посочи дека во сето ова е вмешана политика.

Охриѓани сметаат дека приоритет во вакцинирањето треба да имаат здравствените работници бидејќи тие се на прва линија во борбата против Ковид-19.

Директорот на Охридската болница Балески вели дека Наумоски со целиот медицински тим бил вклучен во повеќе задачи меѓу кои и дотур на боци за кислород и најави ревидирање на списокот во болницата.

Министерот за здравство го осудува прекршувањето и непочитувањето на Националниот план за вакцинација против Ковид-19, и најави дека утре изутрина ќе има разрешница за случајот во Охрид.

Министерот уште синоќа побара од ОБ Охрид да достават извештај во врска со случувањето. Дополнително МЗ укажува дека за секое непочитување на планот за вакцинација ќе следат санкции.

Ќе се ревидираат списоците за вакцинација доставени од страна на директорите на секоја здравствена институција. Секаде каде што ќе биде утврдено пропуст ќе има соодветна пријава за истото, посочуваат од Министерството за здравство.

Неофицијално според информации на Сител ќе биде санкциониран секретарот во Охридската болница.

Инаку во земјава до вчера против Ковид-19 се вакцинирани 764 здравствени работници.