Македонија
10. December 2020 - 19:48

Пронајдени паразити во риби од Дојранското Езеро

Видео со предупредување дека во риби од Дојранското Езеро се најдени паразити се појави на социјалните мрежи. Авторот на видеото наведува дека се работи за свежа риба донесена од Дојран во која при чистењето нашол голем број паразити, односно црви. Според неговите информации што ги добил од истражувањето на интернет се работело за опасен паразит кој можел да се пренесе и на луѓето, а отстранување било можно единствено со хируршка интервенција.

За ваквата објава став побаравме од концесионерот на езерото. Тој ги отфрли информациите  дека рибите имаат паразит опасен по здравјето на граѓаните.Квалитетот постојано го следела агенцијата за храна и ветеринарство за што ни достави и документација. Концесионерот потенцира  дека дел од рибите на видеото воопшто не егзистираат во дојранското езеро.

„Најодговорно тврдам дека тоа што го пишува за рибата костреж не е точно. Точно е дека има некој паразит, но тоа го има многу од дамна кој при обработка на рибата на 60 степени исчезнува. Значи нема никаква опасност ништо. Јас сум концесионер и стар рибар и тврдам дека тоа што го пишува не е точно. Според сликите што можевме да видиме целата риба не е дојранска, таму има и смуѓ некој. Таква риба во Дојран не постои“, вели Стојан Јанкулов - концесионер на Дојранското Езеро.

Сличен став има и еден од најстарите угостители во Дојран чии објект е со традиција над 130 години. Вели паразити може да се појават кај одредени риби,  но тоа се се случува единствено ако не се чисти веднаш по уловот  или се чува несоодветно.

„Кога се лови таа риба треба веднаш да се чисти и да се складира на ладно место бидејќи ако е малку потопло фантастично брзо се развива тој паразит, ама за употреба не е штетен бидејќи на термичка обработка умира, релативно брзо на 60 степени. Тоа може секој да го провери и ништо не е штетно. Инаку ова не е ексклузивитет на Дојран, кај сите езера во Македонија кои имаат малку повисоки температури. Еве тука е Тиквешкото, таму перкијата е застапена многу“, вели Петар Јанев - угостител.

Реагираа и од општина Дојран. И од таму наведуваат за постојани контроли од сите институции. Апелираат до граѓаните, наместо на социјалните мрежи за се што сметаат дека го загрозува нивното здравје да пријават во надлежните институции. Во спротивно само се шири непотребна паника и се нанесуваат големи штети и на општината и на граѓаните кои егзистираат од оваа гранка.