Loading Video...
Фудбал
3. јуни 2022 - 10:54

Пропуштената шанса за полн плен против Бугарија, црвено-жолтите ќе ја бараат во дуелот со Гибралтар

 
Најдобрата македонска фудбалска репрезентација одигра нерешено со БУгарија во воведниот натпревар од новиот циклус во Лигата на нациите, по што веднаш замина за Гибралтар каде во недела ќе го одигра вториот и натпревар.
 
Нашите фудбалери жалат што од гостувањето во Разград, заминаа само со еден, а можеја да ги освојат трите бодови во дуелот со Бугарија. 
 
Иако во текот на целиот меч беа подоминантни, ја контролираа играта и создаваа шанси, сепак концентрацијата при реализацијата изостана, констатира по натпреварот селекторот Благоја Милевски. 
 
- Не сум задоволен од резултатот, заслуживме победа. На полувреме ништо друго не кажав освен дека мора да сме свесни дека сме поквалитетни од ривалот и треба да продолжиме во тој правец. Секоја чест за второто полувреме.  Примениот гол е целосна деконцентрација и таа концентрација ни фалеше и при реализацијата. Но, тоа е составен дел од спортот, изјави селекторот Милевски.
 
Црвено-жолтите денеска од Варна директно заминаа за Малага, а оттаму за Гибралтар.
 
Шансата за прва победа во овој циклус од Лигата на нациите македонските фудбалери ќе ја имаат токму против оваа селекција која вчера на гостувањето кај Грузија очекувано загуби и тоа со убедливи 4-0. 
 
Дуелот меѓу Гибралтар и Македонија на програмата е во недела од 18 часот, а во вечерниот термин од 20 часот и 45 минути ќе се одигра вториот натпревар од нашата група меѓу Бугарија и Грузија.