Протести и блокади на жителите од Чифлик - 20 години имаат водоводна мрежа, а немаат вода
Со двочасовна блокада на патот Штип – Кочани, жителите на с. Чифлик го искажаа револтот што во 21-та година од 21-от век, немаат водовод и канализација. Иако водоводната мрежа е поставена уште пред 2 децении, се уште не е ставена во функција.
-За да инвеститорот добие поголем профит, наместо според проектот да стави дебело ѕидни цевки кои ќе го издржат притисокот на водата, става тенко ѕидни кои се поефтини и кога се пушти водата во употреба, цевките почнаа да пукаат и се докажа дека тоа не е соодветно изградено, изјави Ване Николов, жител на с. Чифлик.
Со вода за пиење се снабдуваат од сопствени бунари со хидрофори, кои после поплавите во 2015-та година се целосно загадени, а водата е неупотреблива за никаква намена.
-Песок има во водата. Водата не е ниту за техничка употреба, а не пак да ја користиме за готвење, за перење, за правење ручек - изјави Драган Ангелова, жителка на с. Чифлик.
Помладите жители со вода се снабдуваат од соседните села, но постарите и по цена на своето здравје се приморани да полнат вода од селската чешма во училишниот двор, за која од Центарот за јавно здравје од Кочани, неколку пати укажуваат дека е или бактериолошки или хемиска не исправна.
Трагично е што и учениците пијат од истата вода, кога ќе им се потроши флашираната што си ја понеле од дома.
Канализацијата е изградена пред 6 години, но никако да профункционира, зашто, како што тврдат мештаните, не е изведена според проектот, а септичките јами редовно се излеваат во дворовите. Затоа го повикаа ЈО да поведе постапка каде се трошат нивните пари и донациите обезбедени за оваа намена, а на политичарите им порачаа за следните избори да не доаѓаат во нивното село.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар