Прв божиќен концерт во Струмица
И годинава веста за раѓањето Христово во Струмица први ќе ја соопштат најмладите, но овој пат преку концерт со божиќни песни каланди кој ќе се одржи на плоштадот Гоце Делчев. За таа цел со благослов на митрополитот Струмички, владиката Наум формиран е и детски хор во кој најголемиот дел се деца од школата за веронаука која егзистира во рамки на епархијата.
,, Ќе настапуваат на сам ден Бадник. На градскиот плоштад ќе има концерт со бадникарски песни т.е. коледарски песни. Самата смисла на бадникарските песни, на коледарските песни е навестувањето на Христовото рождество чиј што извор е црквата. За жал имаме и поразлични бадникарски песни во овие простори кои што црпат пагански корени и го немаат тој христијански дух, нешто ние всушност пробуваме да го смениме со овие дечиња и со овие поворки и овој концерт, вели Лука Митев - Детски хор при школата за веронаука на струмичката епархија.
На концертот ќе му претходи празничната литија која ќе тргне од соборниот храм Свети Кирил и Методиј и ќе се упати кон градскиот плоштад.
Божиќниот концерт има хуманитарен карактер. Донациите собрани за време на неговото одржување заедно со средствата од продажбата на ракотворбите од школото за веронаука кои се продаваа на новогодишниот базар ќе бидат наменети за лекување на двајца струмичани.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар