Прва МФЛ: Силекс, Шкупи и Шкендија на врвот по три одиграни кола
Три кола во домашното фудбалско првенство по што полека се профилира прволигашката табела. Силекс со ефикасна игра во друштво со Шкупи и Шкендија ја поведе трката за највисок пласман додека во долниот дел од табелата се струмичките лигаши Беласица и Академија Пандев.
Македонскиот фудбал полека фаќа ритам во услови на пандемија и како што стојат работите нема да има проблеми со успешно реализирање на актуелната сезона за разлика од претходната која поради пандемијата беше прекината.
Според резултатите и пласманот од претходниот шампионат и според квалитетот се издвоија три екипи. Силекс кој забележа две убедливи победи на гостински терен против Вардар ја потврди добрата форма и тимска игра која му е главен адут во остварувањето на добри резултати. Кратовци освоија 7 бода и го запоседнаа врвот на прволигашката табела. Во друштво на Силекс се Шкупи и Шкендија кои во последното коло со многу проблеми дојдоа до бодовите во Струмица и Ѓорче Петров но се потврдија како екипи кои ќе се борат за највисок пласман .
Пријатно изненадување засега е Пелистер кој освои 5 бода колку што има и секогаш непредвидливата Ренова. Тетовчани и натаму играат одлично на свој терен и без проблеми славеа против Академија Пандев екипа која сигурно е најголемото разочарување од стартот на првенството и по трите порази запалено е црвеното светло во струмичкиот клуб кој го дели последното место на табелата со градскиот ривал Беласица.
По четири бода досега освоија Борец, Работнички и Струга со што се наметнуваат како екипи кои лесно можат да се пробијат кон врвот но и да го загрозат својот пласман по серија слаби резултати. Во слична ситуација е и Македонија ЃП и особено шампионот Вардар кој загуби дури 6 бода на свој терен што е знак дека црвено-црните ги очекува тешка сезона особено што екипата е многу млада и ќе и треба време да го собере потребното искуство за успешни настапи во силната конкуренција.
Кога сме кај Вардар да потсетиме на големиот успех што црвено црните го остварија на денешен ден со победата над турскиот гигант Фенербахче и историскиот пласман во групната фаза на Лига Европа што е најголем дострел на македонски клуб.
-
Зоран Николовски
Сите содржини од овој новинар