Македонија
5. May 2026 - 16:34

Прва пресуда за „Пулс“: Тројца полицајци добија условни казни затвор

Условни казни затвор добија тројцата полицајци од Кочани кои беа обвинети дека казните за прекршоци во Пулс ги пишувале на друга неактивна фирма. Ова е првата пресуда за предмет поврзан со пожарот во дискотеката. Ниту еден од тројцата обвинети, Кире Богатинов, Горан Лазаров и Александар Темелков денеска не дојде во судница да ја слушне пресудата. 

Судијката Лидија Петровска ја читаше пресудата само пред новинарите, во која истакна дека нивните дејствија не резултирале со непосредни штетни последици кои би можеле да се доведат во директна причинско последична врска со пожарот. 

Кире Богатинов и Горан Лазаров кои се осудени на условна казна од една година, при контролите во Пулс кога констатирале прекршоци, прекршочните пријави ги пишувале на фирмата Класик која била неактивна, а како сопственик го пишувале Дејан Јованов, иако тој на хартија не бил сопственик на дискотеката. Александар Темелков пак кој доби две години условна казна затвор, како командир на ПС Кочани, при одобрување на прекршочната постапка, потпишувал без да ја провери целокупната документација и пријавите ги поднесувал до кочанскиот суд. 

Според судијката, ја злоупотребниле службената положба и прибавиле корист за други лица. 

Обвинителството не се произнесе дали ќе поднесе жалба за пресудата. 

Со оваа пресуда заврши еден предмет кои се водеше против тројца полициски службеници од Кочани, а во меѓувреме се водат уште два, во едниот се обвинети деветмина за злоупотреба на службената положба, а во другиот 13 за директна инволвираност во катастрофалниот пожар.