Македонија
4. January 2016 - 16:56

Првиот снег ги донесе и првите скршеници - Внимавајте мраз и вечерва

Скршени раце, нозе, колкови... Утринава само за неколку часа во Клиниката за хируршки болести св. Наум Охридски лекарска помош побарале десет  граѓани. Сите паднале на лизгав терен улица или тротоар. Најлошо поминале двајца пациенти кои имале повреди на колковите и задржани се на болничко лекување.

-Хоспитализирани се двајца пациенти со повреди на колк, едниот е од Кавадарци, а другиот од Скопје. Останатите пациенти имаат повреди на надлактица и подлактица вкупно десет на број, но тие се конзервативно лекувани, имобилизирани и пуштени  се дома, изјави д-р Јасмина Чабуковска, директор на Клиниката за хируршки болести св.Наум Охридски.

Лекарите апелираат за вакви повреди да не се оди на надри лекари и местачи и на вакво време посебно повозрасните без потреба да не излегуваат од дома.

-Да не излегуваат на лизгав терен доколку немаат навистина потреба, бидејќи се работи за возрасна популација и да не бараат помош од надрилекари туку да се јават во болница, додаде д-р Чабуковска.

Од УХМР не најавуваат нови снежни врнежи на пониските места, но подмрзнато во утринските часови ќе биде и наредните неколку дена.