Фудбал
21. July 2020 - 20:27

Прволигашите бараат јасни критериуми пред стартот на фудбалската сезона

Се ближи стартот на новата фудбалска сезона во Македонија кој е закажан за 9-ти август. Безбедноста на играчите за клубовите е најважна и затоа се доставени конкретни предлози до ФФМ како да се одигра првенството 2020-2021г. 
Одборот на клубови  од Првата МФЛ , вкупно 12  во својот допис до куќата на фудбалот ставија акцент  на безбедноста на фудбалерите за да се избегне прекин на шампионатот и дополнително комплицирање на состојбата во услови на Ковид-19.  Според овој допис прволигашките клубови бараат два задолжителни теста  кои ќе бидат на товар на федерацијата  но и дополнителна контрола  во вид на независно медицинско лице кое ќе биде присутно на самите натпревари со цел да се избегнат  евентуални манипулации и лажирања на медицинските контроли.  Доколку играч биде позитивен на тестот тој да се третира како повреден.  Истовремено се бара од ФФМ  да се утврдат критериуми за остварен спортски успех и конечен пласман на екипите доколку се прекине првенството.  Како пример се наведува штотуку завршената сезона која беше прекината поради вирусната пандемија но со нејасни критериуми кои му овозможија на Шкупи да игра во Лига Европа пред Македонија ЃП.  Се очекува во наредните денови ФФМ да ја продлабочи соработката со клубовите со цел да се дојде до реални услови за почеток на новата сезона. Во меѓувреме клубовите тренираат засилено и играат контролни натпревари на кои засега нема проблеми со новозаразени играчи.