Пуштена во употреба станбена зграда со 76 станови за семејства во социјален ризик
76 семејства од социјално ранливите категории од Прилеп ќе го решат станбеното прашање. Новата зграда е пуштена во употреба. Инвестицијата вредна 1,7 милиони евра е дел од владиниот проект за изградба на станови за социјално загрозени граѓани.
- Токму во рамките на овој проект е и оваа зграда која денеска ја пуштаме и која ќе им помогне на 76 семејства од Прилеп да го остварат својот сон да имаат свој дом и да бидат свои на своето. Покрај оваа зграда, досега во рамките на овој капитален проект изградивме згради во Скопје, Македонска Каменица, Охрид, Кочани, Кавадарци, Штип..., рече Премиерот Никола Груевски.
Веќе е завршен јавниот повик за аплицирање за стан во зградата во Прилеп и се очекува наредната недела да се спроведе јавна распределба на становите на лица кои ги исполнуваат критериумите. Според министерот за транспорт постапката ќе биде електронска и строго транспарентна .
- Значи, не постои простор за манипулација со апликациите и лицата што ги исполнуваат сите критериуми и имаат најголем број бодови ќе добијат стан. Предност ќе имаат децата без родители и родителска грижа, истакна Владо Мисајловски, министер за транспорт и врски.
Досега во рамките на овој владин проект изградени се 678 станови за социјално ранливи категории граѓани во 13 општини. Во тек е изградба на уште два објекти за семејства во социјален ризик во Македонски Брод и во Кочани, а до крајот на годината ќе погне градбата на зграда и во Гостивар.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
