Раководител на технолошка компанија во Грција бил мета на терористичката ќелија
Израелец со грчко потекло, раководител на технолошка компанија која работела и на одбранбени системи бил метата на скопско-кумановската терористичка прокси ќелија која ја разбија македонските и грчките безбедносни служби.
Грчка „Прототема“ пишува дека неименуваниот Израелец веќе бил под заштита на грчките безбедносни структури поради претходни проценки дека е можен напад врз него. Сепак, дел од израелските медиуми јавуваат и за друга можна потенцијална цел - ирански дисиденти, критичари на режимот во Техеран кои живеат во Грција. Сепак, истрагата ќе треба да ги даде точните одговори за тоа кого скопско-кумановската група требала да ликвидира во Грција.
Според извештаите на грчките и израелските медиуми, информациите до македонската АНБ и до грчките безбедносни служби пристигнале од израелски Мосад.
Во акцијата на АНБ и БЈБ приведени се четворица. Петтиот член на шестчлената група, според грчките медиуми е приведен таму, на 12 ноември, а потоа и екстрадиран во Македонија. Еден од членовите на групата имал и неуспешен обид за влез на грчка територија од Турција кај Александруполи. Откако влез не му бил дозволен, се вратил на турска територија. По шестиот член се трага во странство.
Ќелијата била поврзана со подземјето. Според израелските медиуми кои се повикуваат на разузнавачки извори, била поврзана со трговија на дрога.
„Мозокот“ на операцијата бил иранскиот државјанин Едрис Џахангири Маванех, кого меѓународните безбедносни служби веќе го имале на радарот поради директни врски со разузнавачките служби во Техеран, а со кого осомничените одржувале и тајни средби во трети земји, вклучувајќи го и Иран. За регрутирање на групата, пак, задолжен бил озлогласениот наркобос Наџи Шарифи Зиндашти. Тој веќе им е познат на грчките служби уште од 2014 година кога тие пресретранаа канал на шверц на дрога и запленија дури два тони хероин. Познат им е и на Американците. Се наоѓа на листата на криминалци по кои трага ФБИ и тоа за организирање ликвидации на американска територија.
Наџи Шарифи Зиндашти се бара поради неговата наводна вмешаност во криминални активности, вклучувајќи обид за нарачано убиство на двајца жители на сојузната држава Мериленд. Од најмалку декември 2020 година, па сè до околу март 2021 година, соработниците од криминалната мрежа на Зиндашти со седиште во Иран наводно користеле шифрирани интернет-апликации за пораки за да ангажираат криминални елементи во Северна Америка за убиство на две лица кои побегнале од Иран. Криминалната мрежа на Зиндашти, исто така, наводно обезбедила ресурси за да го олесни обидот за транснационално убиство на лице во Соединетите Американски Држави. На 13 декември 2023 година, во Окружниот суд на Соединетите Американски Држави, Округ Минесота, беше издаден федерален налог за апсење на Зиндашти, откако тој беше обвинет за заговор за користење средства за меѓудржавна трговија при извршување нарачано убиство, се вели во потерницата на ФБИ.
Светските медиуми, македонската терористичка прокси келија ја сместуваат во поширок геополитички контекст. „Вашингтон пост“ и „Тајмс оф Израел“ пишуваат дека европските безбедносни служби се во состојба на зголемена готовност поради низа спречени напади и саботажи врз израелски,еврејски и западни цели ширум Европа. Овие операции, кои Техеран се обидува да ги прикрие преку регрутирање локални криминални групи, драстично зачестија по директната воена ескалација меѓу САД, Израел и Иран.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
