Македонија
14. July 2022 - 16:36

Расте бројот на ковид позитивни, утре седница на Комисијата за заразни болести

Над 36 проценти од вчера тестираните имаат позитивен тест на ковид 19. Повеќе од половина од активните 2309 случаи во државата се во главниот град. За растечкиот тренд на новодијагностицираните утре Комисијата за заразни болести ќе расправа дали ќе има враќање на некои од мерките за заштита на населението. За здравствените власти досега главен репер за состојбата е исполнетоста на болничките капацитети кои засега се без наплив на пациенти. 

- Масовен наплив нема, меѓутоа се следи зголемување на бројот на оние кои имаат потреба од хоспитализација. На Клиниката има 12-13 хоспитализирани. Поголем број се невакцинирани, има и вакцинирани кои примиле вакцина на почетокот на имунизацијата но и имунокомпромитирачки пациенти кои поради примарната хронична болест имаат намален имунитет, вели др. Милена Стевановиќ, директор на Клиника за Инфективни болести.

Иако во моментот нема оптоварување на болниците, инфектолозите стравуваат дека од септември може пак да се повторат сликите од лани кога многу пациенти бараа помош – причината за тоа е се уште ниската стапка на имунизирано население. 

Некои европски земји враќаат дел од мерките, во Азија и Австралија стравуваат од забрзаното ширење на вирусот.

Во Македонија носењето на заштитна маска е задолжително во болници, јавен превоз, аптеки и старски домови.