Македонија
25. July 2025 - 16:38

Расте бројот на нови партии пред изборите, без измени на Изборниот законик нема независни кандидати

Зелен хуман град и официјално прераснува во партија. Од граѓанската иницијатива велат дека се приморани на овој чекор бидејќи кај поголемите партии нема интерес да се регулира учеството на независните кандидати на следните избори.

Засега поддршка имаат од повеќе активисти за заштита на животните и животната средина, но остануваат отворени за соработка и со останатите иницијативи. Најавуваат дека наскоро ќе стартуваат и со собирање на потребните 1000 граѓански потписи за регистрирање на партија. Фокус на изборите ќе им биде градот Скопје. 

Формирање на заедничка платформа со цел учество на локалните избори вчера најавија и Шанса за Центар, Независни за Карпош, Зелените од Гази Баба.

Во моментов нема никаква законска можност за независни кандидати на претстојните избори. Откако Уставниот суд го укина прагот од 1% потребни граѓански потписи за кандидатура, во Собранието барем засега нема постапка за измени на Изборниот законик за регулирање на ова прашање. Вчера и претседателката Гордана Сиљановска Давкова порача дека независните во моментов се дискриминирани.