Реакции по извештајот за напредокот на Македонија
Нема да се однесуваме незрело и нема да ги напуштиме преговорите. Премиерот Мицкоски по усвојувањето на извештајот за Македонија од Европскиот Парламент вели дека Владата ќе останела фокусирана на реформите додека државата не биде примена во Европската унија.
-Остануваме уште попосветени, уште пофокусирани. Ќе покажеме дека со реформите дома сме најдобриот учленик во одделението и да бидеме посакувани од страна на ЕУ. И ќе не можат овие архитекти да градат ваква архитектура за да не оспоруваат и за да го попречуваат нашиот пат кон ЕУ, вели Мицкоски.
Говорејќи за повикот за обединување Мицкоски вели дека опозицијата одговорила со напад и обид за ситно политиканство.
-Пред се, едно е важно, да се обединиме и да зборуваме во еден глас. Ако јас одам заедно со тимот дипломати и членовите во Владата и се бориме за македонските интереси, за интересите на граѓаните. Се обидуваме со аргхументи да ги поразиме оние коишто не негираат, со една изјава на претставниците на опозицијата дека за нив не е проблем, они се ќе прифатат и уставни измени и се, само помогнете ни да се вратиме на фотелјите – тоа не е единство, вели Мицкоски.
Опозицијата е подготвена да седне на маса за да се најде начин за обединување. Но првиот човек на СДСМ смета дека вадењето на јазикот од Извештајот е пораз на владината дипломатија.
-Тие ги срушија нашите европски перспективи и го изложија нашиот народ на потсмев, правејќи го целосен губитник. Извештајот не е извештај за постоењето на македонската нација, македонскиот јазик или македонскиот идентитет но македонската интеграција во Унијата е сè подалечна поради политиките и изборите на власта, рече Филипче.
И помалите владини партнери сметаат дека сега е време за обединување. Од Движењето ЗНАМ велат дека сакаат Македонија да влезе во ЕУ, но тоа да не го платиме со негирање на нашето постоење.
-Европа треба да биде простор на вредности, а не простор на уцени. Ако ЕУ дозволи еден нејзин член како што е Бугарија да ги претвори преговорите во средство за историски реванширам тогаш таа дозволува Унија во која слабите се жртви, а силните го прекројуваат идентиететот на соседот.
И Социјалистичката партија е на ставот дека борбата за македонските права мора да продолжи зошто од тоа зависи опстанокот на нацијата и државата.
-СПМ укажува дека државата Македонија треба да се подготвува и за еднострано укинување на протоколите, но и да презема акции за нови преговори за ревизија или неутрализирање на штетните делови од протоколите. Со градење на нова стратегија и комбинација на дипломатски притисок, правни чекори и со поширока меѓународна поддршка би се градела долгорочна активна позиција на Македонија во меѓународни рамки, велат оттаму.
Европскиот парламент го усвои извештајот за напредокот на државата и тоа со 461 гласа за, 121 против и 107 возржани, а со амандман беа избришани македонскиот јазик и идентитет.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар