Регионален состанок во Скопје: Превозниците ќе бараат решение за престојот во Шенген
Септември може да донесе сериозен проблем за македонските камионџии. На голем број возачи им истекува дозволениот престој во Шенген-зоната, а решение за нивниот статус сè уште нема. Превозниците стравуваат дека ако не се најде начин да продолжат да влегуваат во Европската Унија, транспортот ќе биде сериозно намален, што може да се одрази врз увозот и извозот.
Токму за ова во вторник во Скопје ќе разговараат превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Целта е да ги усогласат барањата пред најавената директна средба со работната група на Европската Унија.
Едно од можните решенија е Хрватска од есен да почне да издава визи. Но, засега не е јасно дали би важеле и во останатите земји од Шенген.
„Ние сакаме, ако веќе биде тоа, да се овозможи и една држава од Шенген зоната ако издаде виза да важи за сите други држави. Меѓутоа, за жал, сега за сега не е така“, изјави за Сител, Билјана Муратовска од Макам транс.
Последици од недостигот на возачи, вели Муратовска, нема да има само транспортниот сектор, туку целото стопанство.
„Тоа значи дека транспортната флота ќе биде преполовена, а кога ќе се преполови транспортната флота тоа значи ќе има застој во увозот и извозот, бидејќи нашата држава во 96% случаи увозните и извозните производи ги превезува преку патниот сообраќај. Ние немаме бродски, ни железнички превоз за да како алтернативи да се замени, авионски исто така немаме“, вели таа.
Превозниците велат дека имаат комуникација со македонските власти, но решението не е во нивни раце. Затоа очекуваат одговор од Брисел. Доколку не се постигне договор, не ја исклучуваат можноста повторно да протестираат и да ги блокираат границите. Муратовска вели дека јануарските блокади биле „крик на очај“ и сега не сакаат со нови протести дополнително да ѝ наштетат на домашната економија. Сепак, доколку нема разбирање од Европската Унија, блокадите остануваат на маса.
„Поради водостојот на реките во Западна Европа доаѓа до прекин на ланецот на снабдување поради неможност бродовите да се движат, што значи претставниците на Европската Унија треба малку да се замислат и да најдат соодветно решение за да не дојде до целосeн колапс на континентот, не само на нашиве држави“, кажа Муратовска.
Во јануари, камионџиите од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора четири дена ги блокираа товарните терминали на границите. Протестот заврши откако Европската Унија презентираше нова визна стратегија со која се остави простор да бидат изземени од новиот електронски систем за влез и излез од Шенген.
Половина година подоцна, камионџиите и натаму се во иста категорија со туристите, па во период од 180 дена, не смеат да надминат 90. Во спротивно добиваат црн печат и забрана за влез во ЕУ.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
