Loading Video...
Фудбал
11. September 2020 - 19:53

Реновирање и доизградба на стадионите во Кавадарци и Струмица

Со здружени средства на општините, ФФМ и ФИФА и УЕФА полека се поправа состојбата со фудбалските стадиони во Македонија.  Во Кавадарци ќе се градат две нови трибини  на градскиот стадион додека  првиот човек на Беласица Славчо Васков- Пинда денеска го најави новиот проект за стадионот  Благој Истатов во Струмица.

                Стадионот на второлигашот Тиквеш во Кавадарци  ќе добие ново руво со инвестиција од 300 илјади евра што ќе ги вложи ФФМ од Хет-трик програмата на УЕФА. Ќе се реновираат јужната и источната трибина со тоа што јужната ќе биде покриена.  Со свои средства ќе учествува и општината која ќе ги модернизира соблекувалните и сите други простории на стадионот.

            ФФМ веќе набави 2000 столчиња за трибините на градскиот стадион во Кавадарци а претседателот Муамед Сејдини ја истакна добрата соработка со општината која благовремено ги обезбеди сите потребни документи за овој проект.

            Денеска нов проект за стадионот Благоја Истатов  во Струмица презентираше првиот човек на Беласица Славчо Васков – Пинда.  Практично станува збор за доградба на проектот од времето на Ванчо Таковски со што постојната трибина ќе остане а ќе се доградат уште три во модерен лик со што стадионот ќе биде со капацитет од 8000 места.   Проектот е испратен во УЕФА на ревизија а потоа ќе започнат преговори со општината и државните институции- истакна  претседателот на Беласица.

            Покрај овие инвестиции  инвестирани се и ќе се вложат средства за модернизација на стадионите во Прилеп, Штип, Охрид и стадионот Чаир во Скопје истакнуваат од ФФМ.