Респираторен синцицијален вирус причина за гужвите во болницата во Козле
Над 200 прегледи во едно деноноќие и повеќе од 50 хоспитализирани – вирусните инфекции ја наполнија детската болница во Козле. Доминира респираторниот синцицијален вирус за кој педијатрите предупредуваат дека е посебно опасен за бебињата. Тие може да имаат тешка клиничка слика со глад за воздух и опаѓање на сатурацијата.
-Имаме дечиња со детекција на РСВ кои се на кислород, со пад на сатурацијата. Такви дечиња во моментот имаме 5. Како што кажав, инфекцијата со РСВ може да биде со лесна клиничка слика, но може да биде и навистина тешка и да побаравува и кислородна поддршка особено во доенечката возраст, вели д-р Мими Поповска, педијатар во детската болница во Козле
Респираторниот сицицијален вирус е детектиран и кај деца кои одат во градинка, бидејќи како што велат лекарите лесно се пренесува во затворени колективи а на работни површини може да опстои со часови.
-Зависно од возраста на детето и неговата состојба, една манифестација на ваква вироза е две недели. Првата недела е со изразени симптоми, знаете, кашлицата кај дете со РСВ може да трае и подолго, но клучни се тие две недели за лекувањето, вели д-р Поповска.
Во детската болница во Козле се уште немаат пациент со грип и очекуваат перидото што следи да почнат гужвите и со инфлуенцата и сите нејзини компликации.
Од друга, страна, Институтот за јавно здравје во последниот извештај информира дека оваа сезона веќе регистрирале 196 случаи на грип низ државата и оваа бројка е трипати поголема од истиот период лани.
Најдобрата заштита е вакцинацијата и досега над 11 000 граѓани примиле вакцина против грип.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
