Родителите на жртвите од „Пулс“ ја напуштија судницата по барањето за изземање на обвинителката Сарамандова

Родителите на децата што ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс" во Кочани на денешното рочиште доброволно ја напуштија судницата во КПУ Идризово, во знак на револт, откако адвокатите на обвинетите, побараа да се изземе обвинителката Наташа Сарамандова.
Александар Наунов, во изјава за медиумите нагласи дека се остава впечаток дека колку повеќе се отвораат доказите и се објаснува нивната содржина, толку повеќе фокусот се префрла од суштината кон процедурата.
- Впечаток е дека постои силна борба, обвинителството целосно да не ѝ објасни на јавноста што значат документите и што треба да покажат на начинот на кој функционирал објектот пред трагедијата. Наместо повеќе одговори за тоа кој што знаел, кој контролирал и кој имал обврски да постапува, повторно гледаме прекини, приговори и атмосфера што на моменти повеќе личи на натпревар отколку на потрага кон вистината - изјави Наунов.
Од нас, родителите, нагласи Наунов се бара достоинство и трпение, и тоа го правиме од првиот ден, а за возврат бараме само едно: доказите да се изведат до крај, јавноста да ја слушне целата слика и одговорноста да не се изгуби меѓу процедурите. - За нашите деца нема втор обид. Не смееме, и не смее да има ни за вистината - изјави Наунов.
Мајката на загинатиот Томас, Јулија Златкова, изјави дека родителите на убиените деца се револтирани од одбраната, односно од адвокатите на обвинетите, бидејќи бараат да се изземе обвинителката Наташа Сарамандова.
- Наташа Сарамандова е најдобра обвинителка со обвинителот Дарко, и тие се нашата надеж дека вистината ќе биде откриена и дознаена и за нас родителите, и за целата јавност, за да видат кој ги уби нашите деца. Ако ја изземат обвинителката Наташа Сарамандова, јас мислам дека не треба ни да постои судење. Верувам дека државниот обвинител Ненад Савески нема да ја изземе нашата обвинителка Наташа Сарамандова и дека ние ќе имаме мотив за да бидеме присутни на рочиштата - изјави Златкова.
Судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, продолжува со изведување на материјални докази од Обвинителство. Одбраната претходно до Судот поднесе барање за изземање на јавната обвинителка Наташа Сарамандова, поради, како што наведе "пристрасно постапување при презентација на доказите со исклучување на елементи од доказите кои се од суштинско значење". По барањето треба да одлучува државниот јавен обвинител Ненад Савески.
Денешното рочиште продолжува со изведување на материјални докази од друг јавен обвинител.
Обвинителството презентира докази обезбедени од Министерството за економија и труд, сектор за туризам и угостителство, а кои се однесуваат на околности како започнала работата на објектот, иако, како што беше посочено, притоа во континуитет формално и суштински не постоеле услови и не биле исполнети минималните технички услови за работа на објектот.
Судењето се наоѓа во доказна постапка со изведување на материјални докази од Обвинителството.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
МИА
Ново на Сител
-

Дефинитивно нема договор за една изборна единица, се кршат копјата за гласење на дијаспората
-

Тема на денот со Изет Меџити, копретседател на ВРЕДИ
-

Бенефит за граѓаните или интерес на локални моќници? Протест на жителите од Заполжани и Новоселани против изградба на пат
-

Два последователни земјотреси во Венецуела – голем број загинати и повредени, бројките растат секоја минута
-

Дуел со квалификации меѓу Филипче и Мицкоски на пратенички прашања
-

Пет дена до рокот: Собранието во трка да ги изгласа законите од реформската агенда
-

Нема договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ за промена на ресори, разговорите продолжуваат
-

Ревизија на МЕПСО: Спорни вработувања, хаос со имотот и милионски провизии за неискористени кредити
