Македонија
23. December 2021 - 16:32

Родителите утре на протест со барање децата во училиште да одат без маски

Со мирен протест пред Владата утре попладне родители ќе побараат од здравствените власти маските за децата во училиштата да бидат право на избор, а не како досега задолжителни. Покрај во Скопје собири во 18 часот со иста цел промена на Ковид протоколите  пред стартот на второто полугодие ќе се оджат и во десетина други градови. Групата родители организирани на Фејсбук сметаат дека долготрајното користење маски е штетно за здравјето на нивните деца, кои според нив се најмал ризик фактор за ширење на вирусот.

-Она што е дискутабилно и спорно е што во сите аспекти на секојдневното живеење маските се исфрлени од употреба, да започнам од спортски клубови, ресторани, кафетерии, журки, забави, митинзи каде илјадници луѓе излегуваа на улица без маски, тогаш немаше никаков проблем, а секогаш е проблем кога се работи за деца. Мора да се променат тие стандарди, изјави Трајче Петковски, организатор на протестот “Стоп за задолжителното користење на маски во училиштата“.

Групата родители кои излегуваат на протест уште пред еден месец испратиле дописи до сите надлежни институции Комисија за заразни болести, здравство, Влада, но не добиле никаков одговор. Тогаш од здравство тврдеа дека до Комисјата не стигнала таква иницијатива, иако ја испратиле на повеќе мејлови во министерството.

Доколку не наидат на слух во наредните 3 недели, од иницијативата најавуваат дека во второто полугодие децата ќе ги пуштаат на училиште без маски.

-Уште еден апел до надлежните да ги изменат протоколите во спротивно децата ќе ги пуштиме без маски во второто полугодие, вели Петковски.

Од иницијативата се повикуваат на искуствата од други држави, маски во училиштата не се носеле во Скандинавските земји, Англија, а во Германија тоа било обврска само при влезот и во ходниците, но не и за време на часовите.