РПЦ сепак во Скопје официјално честитала за автокефалниот статус доделен од СПЦ - Пендаровски посетата е оправдана ако е црковна
Рускиот митрополит Антониј сепак дошол да разговара за односите меѓу Московската патријаршија и МПЦ ОА а не како што изјавија по средбата дека се овде за именденот на поглаварот.
Како што соопштија од московската патријаршија тие во име на патријархот ја честитале „канонската автокефалност“ на МПЦ ОА. Според ова руската црква јасно кажува дека тие го признаваат томосот доделен од СПЦ. Веќе одамна е познато дека руската црква води битка за превласт со Вселенската патријаршија, која ја прими во канонско единство македонската црква како Охридска Архиепископија.
Во соопштението на официјалната страна на РПЦ стои дека на средбата во Скопје членовите на руската црковна дипломатија со македонските владици разговарале за актуелните состојби во православниот свет, перспективите на развој на односите меѓу Московската патријаршија и Македонската православна црква – Охридската архиепископија и на теми од заеднички интерес.
Оваа посета за претседателот на државата не е спорна се додека е во рамките на црковната дипломатија.
Инаку руската црковна делегација денеска сослужуваше со поглаварот на МПЦ ОА во Лесновскиот манастир кој денеска го празнува денот на Свети Гаврил Епископ Велички, Светогорец.
Бугарските медиуми кои први ја јавија посетата на рускиот митрополит што во Скопје се чуваше во тајност, пишуваат дека митрополитот антониј во Лесновскиот манастир со епископот кој важел за лојален на Кремељ, заедно ќе се молат за успех на руската војска против Украина.
Фактор бг пишува дека е јасна намерата на руската црква во обидот да изврши влијание за да се спротистави на Цариградската патријаршија и да ги убеди македонските владици да се задоволат со „лажниот“ Томос кој им го врачиле СПЦ. Во текстот стои дека митрополитот Антониј не случајно во Скопје доаѓа по втор пат за кратко време, а првата негова посета според нив била пред околу два месеци.
Делегацијата на руската црква ќе остане и утре во земјава, а планирано е да посетат и други цркви и манастири.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
