Рубио: Русија јасно порача дека не сака мир, продолжува со напади и неделно губи 7.000 војници

Американскиот државен секретар, Марко Рубио, изјави дека Русија јасно ставила до знаење дека не сака мир, наведувајќи дека Москва продолжува со своите долгорочни напади врз украинската инфраструктура и дека неделно губи 7.000 војници.
-Тие и натаму ја напаѓаат украинската електрична мрежа и се обидуваат да ја деморализираат земјата, додека губат околу 7.000 војници неделно. Мислам дека јасно ставиле до знаење што сакаат, а тоа е дека го сакаат остатокот од Доњецк, и очигледно е дека Украинците нема да се согласат со тоа, рече Рубио на прес-конференција.
Зборувајќи за американската поддршка за Украина, Рубио потсети дека американскиот претседател Доналд Трамп воведе санкции врз Русија, „што е она што го замолија од него да го направи“.
-Но, што се однесува до резултатите, ние продолжуваме да го правиме тоа што го правевме, плус сега новите санкции, рече Рубио.
Кога беше прашан за наводните дискусии во ЕУ за можни воени операции во Венецуела, Рубио рече дека темата „не била покрената на ниту еден од состаноците“ на кои присуствувал и додаде:
„Европската унија не утврдува што е меѓународно право, ниту како САД ја штитат својата безбедност. САД се нападнати од организирани криминални наркотерористи на нашата хемисфера, а претседателот дејствува во одбрана на нашата земја“, рече тој.
Рубио го критикуваше режимот на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, нарекувајќи го „нелегитимен“.
-Довoлно е да се каже дека проблемот што го имаме е што високиот лидер на тој режим, тој нелегитимен режим, е обвинет и во САД, во Јужниот округ на Њујорк, по обвиненија за дрога, рече Рубио.
Според него, „режимот на Мадуро ги измамил сите“ - САД, Ватикан, Норвежаните.
„Нивните лидери се обвинети за трговија со дрога во САД. Ако престанат да испраќаат бродови со дрога, нема да има никакви проблеми“, рече Рубио.
Тој, исто така, потврди дека има напредок во формулирањето на меѓународна резолуција за стабилизациските сили за Газа, нагласувајќи дека тоа е „неборбена мисија“ насочена кон обезбедување безбедност и демилитаризација на Хамас.
„Хамас се обврза да се демилитаризира. Улогата на Стабилизациските сили е да обезбедат секојдневна безбедност сè додека не се воспостави палестинска цивилна администрација. Израелците не сакаат да владеат со Газа. Ние не сакаме да владееме со Газа. Ниту една земја на Блискиот Исток не сака да владее со Газа. Но, ќе биде потребно извесно време за да се изгради тој капацитет, а во меѓувреме некој мора да обезбеди безбедност“, рече секретарот.
Рубио потврди дека нема активни преговори со Русија за продолжување на договорот „Нов СТАРТ“ за нуклеарно оружје, но дека постои „подготвеност за разговор“.
Тој додаде дека не разговарал со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров „околу еден месец“, но дека разговорите биле „професионални и продуктивни“.
Кога беше прашан за плановите на Европа да користи замрзнати руски средства за поддршка на Украина, Рубио рече дека Министерството за финансии на САД се занимава со тоа, но потврди дека Вашингтон „ги следи европските напори“.
Тој, исто така, појасни дека Унгарија добила ограничено ослободување од санкции поради проекти со руски компании, вклучувајќи нуклеарна централа и енергетски текови.
Рубио заклучи дека САД „ќе продолжат да дејствуваат решително во одбрана на своите интереси“ и дека очекуваат „конкретни резултати, а не само декларативна поддршка“ од своите партнери во Европа и Латинска Америка.
Ново на Сител
-

Најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски ќе ја унапредува физичката подготвеност на војниците
-

Мицкоски за Изборниот законик: Не сум оптимист, затоа што имаме работа со неодговорни и незрели политичари во опозицијата
-

Сончево и многу топло време во следните денови, попладне можно локално невреме
-

Поранешниот директор на СОЗР со владин авион и службена картичка патувал и плаќал за приватни потреби
-

Едногласна доверба за нови успеси – проф. д-р Влатко Неделковски избран за нов мандат за декан на ФФОСЗ
-

Литванија стравува од можни руски напади врз клучна инфраструктура
-

Во касарната „Гоце Делчев“ постројување на доброволните пожарникари од целата држава
-

Турција одбележува десет години од неуспешниот обид за воен удар
