Рубио: Украина не би постоела без поддршката од САД

Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска изјави дека Украина не би опстанала како суверена држава без поддршката од САД, вклучувајќи ја и помошта што ѝ ја дава администрацијата на претседателот Доналд Трамп.
Тој исто така истакна дека Вашингтон не знаел однапред за наводното забавување на сателитскиот систем „Старлинк“, ниту пак го наредил тоа.
– Да не беше помошта од САД, вклучувајќи ја и помошта за време на администрацијата на Трамп, Украина сега немаше да постои. Украина како суверена држава немаше да постои – им рече Рубио на новинарите за време на посетата на Индија.
Тој го изјави ова одговарајќи на прашања за извештајот на весникот „Волстрит џурнал“ дека Илон Маск, извршниот директор на компанијата „СпејсИкс“ неодамна наредил забавување на сателитскиот систем „Старлинк“, кој украинските сили го користат за комуникација и одбрана од руските воздушни напади. Според американскиот весник, Маск за таа одлука разговарал со Трамп откако забавувањето станало јавно познато, додека претходно за тоа прашање разговарал и со официјални претставници на американската администрација.
Рубио рече дека не му е познато дека американскиот претседател однапред знаел за одлуката, ниту дека Вашингтон на каков било начин го насочувал тој потег. „Не е точно дека ние однапред знаевме за ова, ниту тоа на каков било начин го наредивме“, рече Рубио.
Тој додаде дека американската влада не може да ги контролира сите одлуки на приватна компанија во врска со користењето на нејзиниот производ, истовремено истакнувајќи дека Вашингтон повеќе нема да зазема дефанзивен став кога станува збор за американската помош за Украина.
Рубио ги пофали украинските војници, наведувајќи дека храбро ѝ се спротивставиле на Русија. Тој оцени дека преговорите за ставање крај на војната се „многу тешки“.
– Разговорите сега се фокусирани на судбината на источниот украински регион Донбас. Двете страни ќе мора да се согласат да се откажат од нешто и тие разговори се тешки. Мислам дека за Украина преовладува желбата да се осигура нејзината долгорочна безбедност и сигурност, за никогаш повеќе да не биде нападната во иднина – рече Рубио, додавајќи дека се предложени некои „креативни идеи“ за надминување на разликите.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претходно во интервју за „Блумберг“ го обвини Трамп дека се обидува да го принуди Киев на капитулација пред Москва. Сепак, по разговорите со американскиот специјален пратеник Стив Виткоф вчера во Осло, Зеленски оцени дека разговорите за размена на разузнавачки податоци и пристапот до „Старлинк“ поминале позитивно.
– Бевме многу конкретни, а организацијата на состанокот беше многу позитивна – рече Зеленски на прес-конференција на која присуствуваа и лидерите на Норвешка и Финска.
Виткоф денеска од Осло отпатува во Санкт Петербург, каде што претходно учествуваше во разговорите за завршување на војната во Украина. Помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, најави дека Виткоф ќе се сретне со претседателот на Русија, Владимир Путин, а една од главните теми на разговорот ќе биде украинското прашање.
Зеленски рече дека една од целите на посетата на Виткоф е подготовка на трилатерален состанок на претседателите на САД, Украина и Русија, на кој би се разгледувале прашања што бараат одлуки на највисоко ниво, вклучувајќи ги и територијалните спорови. „Ќе видиме што има Путин да каже“, изјави украинскиот претседател.
МИА
Ново на Сител
-

Ново рочиште за „Дражавна лотарија“
-

Регионален форум на локално лидерство за млади, мир и безбедност
-

Ромите се уште се соочуваат со предизвици
-

Се помалку се подготвува зимница
-

Сушата ја пролонгира есенската сеидба
-

Преглед на вестите од светот
-

Клековски: За Михаилова нема постапка за лекување во странство, се врши надзор во нејзината здравствена документација
-

Тема на денот со Сашо Клековски, министер за здравство
