Свет
3. September 2025 - 8:17

Русија ноќеска изврши бран напади на западот на Украина, Полска крена воени авиони

Полските и сојузничките авиони денеска беа активирани за да го обезбедат полскиот воздушен простор откако Русија почна воздушни напади насочени кон западна Украина, блиску до границата со Полска, соопшти Оперативната команда на полските вооружени сили.

– Руската Федерација повторно изведува напади врз цели кои се наоѓаат на територијата на Украина, се наведува во соопштението на Оперативната команда објавено на Х.

– Со цел да се обезбеди безбедноста на полскиот воздушен простор … полските и сојузничките авиони интензивно дејствуваат во нашиот воздушен простор, додека копнените системи за противвоздушна одбрана и радарско извидување достигнаа највисоко ниво на готовност, се вели во соопштението.

Русија ноќеска почна бран напади со дронови и ракети врз украинските градови, гаѓајќи западни и централни региони, соопштија украинските власти.

Во градот Знаменка, во Кировоградската област, беа повредени пет лица, а во напад со дронови уништени се 28 згради, соопштија локалните челници. Околу 5:30 часот утрово, новинари на Киев Индепендент јавија дека во главниот град се слушнале експлозии.

На западот на Украина експлозии одекнаа во Калуш, Хмелницки, Луцк и Ривне. Меѓу 2 и 2:30 часот по полноќ во Лавов се слушнаа пукања од украинската противвоздушна одбрана, потврди новинар на Киев Индепендент кој се наоѓа на терен.

Во градот Вишгород, на периферијата на Киев, соборен дрон предизвика пожар во станбена зграда, изјави гувернерот на Киевската област, Микола Калашник. Во тој напад немало жртви.

Нема податоци за дополнителна штета или жртви во другите градови. Речиси сите украински региони ноќеска беа под тревога поради новите руски напади, соопшти украинското воено воздухопловство.

Нападите доаѓаат во момент кога Русија последниве недели повторно ги засилува ударите врз украинските градови, иако тврди дека е подготвена за мировни преговори.

МИА