Руте: Американскиот нуклеарен чадор е најголемата гаранција за слободата во Европа

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте денеска изјави дека американскиот нуклеарен чадор е најголемата гаранција за слободата во Европа.
На прес-конференцијата по повод утрешниот состанок на министрите за одбрана на земјите членки на Алијансата во Брисел, Руте појасни дека САД во моментов го преиспитуваат својот придонес во силите на НАТО, пред сè во однос на распределбата на одговорностите за спроведување на одбранбените планови.
-САД јасно ставија до знаење дека остануваат посветени на НАТО и очекуваат поправедна распределба на товарот и на одговорностите – рече Руте.
Тој нагласи дека американските нуклеарни сили во Европа нема да претрпат промени и оцени дека чекорите на Вашингтон се фер и ја прават Алијансата посилна.
Според него, останатите сојузници се способни да се справат со последиците од промените што ги предлагаат САД.
Руте посочи дека на утрешниот состанок на министрите за одбрана ќе биде разгледан напредокот во исполнувањето на целта – издвојувањата за одбрана да достигнат пет отсто од бруто-домашниот производ до 2035 година.
-Очекувам сојузниците да ги претстават своите планови – изјави тој, додавајќи дека очекува некои земји да покажат подготвеност за исполнување на целта и пред предвидениот рок.
Осврнувајќи се на војната во Украина, генералниот секретар на НАТО оцени дека Русија не бележи значителен напредок на бојното поле и дека сè потешко успева да го надополни бројниот состав на своите вооружени сили.
Тој наведе дека Русија за три недели во Украина трпи онолку жртви колку што претрпела во текот на целата десетгодишна војна во Авганистан, а за пет недели губи онолку војници колку што САД изгубиле во текот на петнаесетгодишната војна во Виетнам.
-Сите сакаме војната во Украина да заврши и да се постигне мировен договор, но за тоа е потребно учество на двете страни – рече Руте.
Тој додаде дека засега се чини оти рускиот претседател Владимир Путин не е подготвен за преговори.
МИА
Ново на Сител
-

Трамп им забрани пристап во Белата куќа на новинари од CNN, MS NOW и Politico
-

Обвинение против шест лица за фалсификуваните возачки дозволи, тројца се' уште се во бегство
-

Пронајдено и казнето лицето кое од мотокултиватор фрлаше двосед и врати на јавно место во Шуто Оризари
-

МВР: Приведени 11 возачи за „безобѕирно управување возило“, деветмина возеле без положен возачки испит
-

Системот за интернет гласање во Москва погоден од кибернапад на вториот ден од парламентарните избори
-

Утре наместа нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер
-

Јамал: Го следам Реал, но секогаш сакам да губат
-

Полска ги крена борбените авиони поради руските напади врз Украина
