Руте: На Самитот во Хаг ќе донесеме историски одлуки за нашите граѓани да бидат побезбедни
Историјата покажа дека кога Северна Америка и Европа работат заедно тоа претставува добитна комбинација и нашите противници го знаат тоа, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте во воведното обраќање на стартот на работниот дел од Самитот на Пактот што се одржува во холандскиот град Хаг.
– Се соочуваме во опасен момент за нашите една милијарда граѓани. Руската војната против Украина беснее. Агресивното групирање на противници се обидува да не подели и да не предизвика. На Блискиот Исток има војна, тероризмот претставува постојана закана, а новите технологии носат можности, но и многу сериозни безбедносни предизвици, рече Руте.
Соочени со ваквата состојба, според Руте, членките на НАТО остануваат обединети во најмоќниот одбранбен сојуз во светската историја, чија Член 5 од основачкиот документ кој предвидува дека напад врз еден сојузник претставува напад врз сите, што испраќа моќна порака.
– На овој состанок ќе донесеме историски трансформативни одлуки за нашите луѓе да бидат побезбедни, преку посилен, пофер и поборбен НАТО. За да го направиме НАТО посилен, имаме конкретен план сите сојузници да потрошат пет отсто од БДП за одбрана – дел ќе се насочи кон основната одбрана, а дел кон инвестиции поврзани со одбраната и безбедноста, рече Руте.
Тој потенцира дека оваа одлука е длабоко вкоренета во основна мисија на НАТО и е потребна за да се обезбедат ресурси за одбранбените планови и за подготвеноста на Алијансата, но исто така и за да се обезбеди пофер однос при што секоја членка ќе дава фер придонес за колективната безбедност.
– Предолго време еден сојузник – САД, носеше преголем дел од товарот на таа обврска. И тоа се менува денеска, додаде генералниот секретар на НАТО.
Руте му се обрати на американскиот претседател Доналд Трамп, порачувајќи му дека тој ја овозможил оваа промена во рамките на НАТО.
– Вашето лидерство веќе резултираше со еден трилион долари дополнителни трошоци од страна на европските сојузници од 2016 година. Денешните одлуки ќе резултираат со дополнителни трилиони за нашата заедничка одбрана, за да не направат посилни и пофер во изедначување на трошоците меѓу Америка и нејзините сојузници, нагласи Руте.
Тој додаде дека на Самитот ќе биде донесена одлука и за дополнително зголемување на одбранбеното производството, со што на вооружените сили на НАТО ќе им биде обезбедено се што им е потребно.
– Тоа значи огромно проширување на нашата одбранбена индустриска база од двете страни на Атлантикот. Тоа е добро за нашата безбедност, добро е за нашите економии и добро за нашите работни места, потенцира првиот човек на НАТО.
Тој нагласи и дека на Самитот ќе биде донесена одлука и за продолжување на поддршката за Украина, но воедно ќе бидат изразени и заложби за праведен и траен мир.
– Сите сакаме крвопролевањето да запре. Ја повикуваме Русија да ја прекине својата агресија врз Украина, додаде Руте.
Домаќинот на Самитот, холандскиот премиер Дик Схоуф изјави дека е убеден оти по денешниот Самит, Хаг ќе биде познат и како град на колективна цел, единство и решителност.
– Ние сме на патот да напишеме историја. Ние сме на патот да донесеме одлуки што ќе доведат до зголемување на нашите трошоци за колективната одбрана без преседан и да нова финансиска рамнотежа во нашиот сојуз. И двете работи се итни и неопходни и двете ќе помогнат нашата атлантска врска да стане уште посилна, за да можеме да ги оствариме нашите основачки принципи за демократија, слобода и владеење на правото, утврдени во Вашингтонскиот договор, рече Схоуф.
Тој нагласи дека последен собир на НАТО во Хаг бил состанокот на министрите за надворешни работи во 1989 година, кога на повидок беше крајот на Студената војна и почеток на еден период во кој Алијансата се надеваше и веруваше во добри односи со Русија.
– Но, тоа се покажа како илузија. Илузија што беше разбиена засекогаш кога Русија брутално ја нападна Украина. Затоа денес во нашите редови постои обновена свест дека мирот не може да се зема здраво за готово и дека мора постојано да се штити – константно и со увереност, рече Схоуф.
Сепак според него, мирот има цена и затоа членките на НАТО мора да дејствуваат брзо и решително.
– Ајде да останеме обединети и да го прифатиме одбранбениот инвестициски план. Ајде да се зафатиме со работа и да ја напишеме таа историја денес, потенцира Схоуф.
На Самитот, заедно со останатите шефови на држави или влади на членките на НАТО, учествува и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Ново на Сител
-
Роналдо му се заблагодари на Пиоли по заминувањето од Ал-Наср
-
Виолетовата медуза повторно присутна во делови на Грција
-
Трамп ја потврди посветеноста на колективната одбрана на НАТО и го поздрави растот на трошоците за одбрана
-
Измени на Законот за воздухопловство, предлог да се зголеми на шест години финансиската поддршка за нови авиолинии
-
Скопскиот Кривичен суд ќе го води судскиот процес за пожарот во кочански „Пулс “
-
Лион ќе се жали поради испаѓањето во Лига 2
-
Министерство за економија и труд: Да се применуваат мерките за заштита на работниците од горештините
-
Видеоиграта „Death Stranding 2“ достапна за обожавателите