САД инвестираат 700 милиони долари во јагленот и најавија изградба на нови термоелектрани

Соединетите Американски Држави најавија значителна промена во својата енергетска стратегија, планирајќи инвестиции од стотици милиони долари за обнова на индустријата за јаглен, вклучувајќи и изградба на нови енергетски капацитети, кои би биле први такви проекти во земјата по повеќе од една деценија.
Американскиот претседател Доналд Трамп во Овалната соба потврди дека за оживување на овој сектор ќе бидат издвоени 700 милиони долари.
Според „Њујорк тајмс“, дел од средствата ќе бидат наменети за изградба на нови енергетски капацитети, што претставува отстапување од претходните политики насочени кон намалување на употребата на фосилни горива и кон заострување на еколошките мерки.
За да го забрза процесот, американската администрација го активираше Законот за одбранбено производство, пропис од времето на Студената војна кој историски се користел за итно поттикнување и за забрзување на индустриското производство во периоди на национална потреба.
– Како резултат на инвестицијата од 700 милиони долари што денес ја најавувам, ќе заштитиме 14 термоелектрани и 42 рудници за јаглен – изјави Трамп.
Новата енергетска стратегија предвидува изградба на две нови термоелектрани на јаглен, кои ќе бидат први такви постројки во САД по 13 години. Покрај тоа, пакетот треба да обезбеди опстанок и модернизација на 14 постојни термоелектрани, како и поддршка за 42 рудници за јаглен низ земјата.
Планот вклучува и изградба на нов извозен терминал како дел од пошироката стратегија за оживување на оваа индустрија.
На објавувањето на мерките во Белата куќа присуствуваа гувернери и законодавци од сојузните држави богати со јаглен, меѓу кои Вајоминг и Западна Вирџинија.
Во своето обраќање Трамп повеќепати го употреби изразот „прекрасен, чист јаглен“, иако станува збор за фосилно гориво со највисока содржина на јаглерод.
Експертите од областа на екологијата и на енергетиката предупредуваат дека термоелектраните на јаглен создаваат значително повеќе загадувачки материи и јаглерод диоксид – главен двигател на глобалното затоплување – во споредба со електраните на природен гас, соларните системи и со ветерните електрани.
МИА
Ново на Сител
-

Сиљановска - Давкова: Изборот во ЕКОСОК е значаен дипломатски успех за Македонија
-

Ѓорѓиевски: Очекувам од септември темата за отпадот повеќе да не биде третирана во јавноста на начинот на кој беше досега
-

Шји Џјинпинг ќе ја посети Северна Кореја првпат по 2019 година
-

ФФМ одговори на Шкендија: Нема повеќе како досега, правилата важат за сите без исклучоци
-

Угостителски услуги во мај на годишно ниво поскапи за 2,6 отсто
-

Француско-германски нон пејпер предлага постепена интеграција на Западен Балкан во ЕУ пред полноправното членство
-

Рокас: Заложбите од 2022 година треба да се спроведат, се надевам на контруктивност од соседите и ЕУ во наредните месеци
-

Со изведување материјални докази продолжува судењето против 13 полицајци за пожарот во „Пулс“
