Самит на европските лидери – дали ќе се ограничи употребата на ветото?
Европските лидери ја стартуваат дебата за новиот пристап на проширување на Унијата. Ова ќе биде една од темите на состаноците на Европскиот Совет кои денеска и утре се одржуваат во Брисел. Проширувањето не смее да биде процес заглавен од билатерални прашања порача шефоцата на европската дипломатија Каја Калас пред почетокот на денешниот состанок.
-Вечерва ќе разговараме и за проширувањето. Многу е важно да не го билатерализираме процесот на проширување. Ако го погледнеме процесот на проширување во целина, Европа е многу мал континент. Навистина ни е потребно да бидеме посилни заедно со земјите што се дел од Европа. Во понеделникот разговаравме и со министрите за надворешни работи за безбедносните аспекти на проширувањето и за тоа што овие земји ѝ носат на Европската Унија во однос на безбедноста кога ќе станат нејзини членки. Затоа очекувам и за ова прашање да се води темелна дискусија, вклучително и за тоа што треба да направиме ние, вели високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Каја Калас.
За новиот пристап да стане реалност, потребна е поддршка од сите земји членки, што засега изгледа неизвесно. Бугарскиот премиер Радев го потврди ставот дека Бугарија е категорично против документот според кој земјите членки не би можеле да го користат ветото во текот на пристапниот процес, туку само на неговиот крај. Забелешки има и хрватскиот премиер Пленковиќ во однос на добрососедските односи со Црна Гора, а како пример ја наведе токму Македонија.
Покрај новиот пристап кон проширувањето на Европската Унија, се очекува во фокусот на денешниот самит да доминираат безбедносните прашања, пред сè актуелната состојба во Црното Море и војната меѓу Русија и Украина.
Заклучоците на прес конференција вечерва ќе ги соопштат претседателот на Европскиот Совет Антонио Кошта и шефицата на Европската комисија Фод дер Лајен.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
