Македонија
15. April 2022 - 16:33

Само две позитивни деца се лекуваат во Козле

Две бебиња на пет и седумесечна возраст се единствените ковид пациенти во детската болница во Козле. Заразата ја добиле од семејството, но здравствената состојба им е стабилна и не се на кислородна поддршка. Сомнителни на вирусот речиси и да нема и во амбулантите. По подолга пауза, од  први април оваа здравствена установа ги отвори вратите и за останатите патологии.

-Ние една недела бевме чисти без ковид пациенти и ги отворивме и останатир амбуланти и оддели. Имаме во моментот 22-ца хоспитализирани од кои двете со ковид и останатите со бронхоопструкции и со алергии, изјави др. Беким Зекири директор на детската болница во Козле.

Основците повеќе од две недели одат без маски а од вчера и средношколците. Но тоа според Зекири воопшто не влијаело на промена на здравствената состојба кај детската популација  и нема зголемен број на сомнителни случаи на ковид. Вели дека сега на сцена се сезонските вируси.

-Сега временските услови се променети, децата без маски и возрасните но тоа не влијаеше кај ковидот. Изминатиот период имаме случаи на прехлади и алергии, вели др. Зекири.

Во последната неделна анализа на ИЈЗ од 4 до 10 април, најмал број или само 45 позитивни случаи имало кај децата до 9 годишна возраст. Инаку од почетокот на пандемијата досега од 0 до 19 години биле регистрирани околу 28 000 со Ковид-19.