СДСМ бара повлекување на законот, ВМРО-ДПМНЕ тврди се прават реформи за поправање на грешките од минатото
Законот за високо образование е директен напад врз автономијата на академската заедница обвини лидерот на опозициската СДСМ и побара да биде повлечен. Наместо квалитет со овие одредби се воведува тоталитаризам и брутална партизација на универзитетите сметаат социјалдемократите. Според Филипче законот ги фаворизира пензионирани професори, додека за младите асистенти создава несигурност и академска гилотина преку автоматско губење на работата доколку не се исполнат строгите услови за реизбор. На овој начин лидерот на СДСМ тврди дека државата ги протерува младите кадри.
Доколку власта опстои на предлогот, опозицијата најави иницирање широка јавна расправа во Собранието за да се слушне гласот на секој еден од стручната јавност.
Од ВМРО ДПМНЕ реагираат дека со овој предлог текст се решаваат низа катастрофални грешки во образованието кои ги направила претходната власт на СДСМ особено со законот за високо образование кој го донеле во 2018г. Новиот закон е изработен од 60 врвни експерти и со него се отвара пат за поголема отчетност и поддршка на најдобрите студенти. Целта е враќање на универзитетите на светските ранг листи велат од ВМРО ДПМНЕ
Новиот предлог Закон дава предност при вработувањето на државните универзитети на најдобрите студенти од генерацијата, на студентите добитници на Инженерски прстен и на оние кои студирале на некој од најдобрите 100 светски универзитети. Законот предвидува секој кој сака да напредува во академската кариера да изработува научно-истражувачки трудови од кои дел треба да бидат објавувани во меѓународни научни списанија со импакт фактор, а за што Министерството за образование и наука секоја година ги покрива трошоците на авторите за што се објавуваат јавни конкурси, така што, разобличуваме уште една лага на лидерот на СДС.
Од ВМРО ДПМНЕ ја охрабруваат опозицијата да покаже државност и наместо критики да изнесе сугестии за подобрување на содржината со која ќе се подобри квалитетот во високото образование. Инаку министерката Јаневска најави дека од оваа недела ќе почнат јавните дебати со академската фела на сите државни универзитети за предлог законот.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
