Македонија
12. July 2021 - 19:56

Се крои новото законско решение за легализација на дивоградбите

Објект изграден на територија на заштитена зона и подрачје не може да се легализира според новата нацрт верзија на Законот за бесправно изградени објекти, кој ќе биде доставен до Владата на усвојување.  

-Заштитените зони и подрачја кои што во претходниот Закон беа третирани, но со добиена согласност од надлежно министерство, сега се целосно исфрлени од овој Закон - изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

Втора новина е тоа што освен социјално загрозените семејства од комунален надоместок за диво изградениот објект, ќе бидат ослободени и граѓаните со ниски примања. Меѓутоа, ќе има прогресивно плаќање на комуналните давачки во согласност со големината на објектот.

-Овој Закон е суштински потребен и се носи за ранливите категории на граѓани и за граѓани на кои им е потребен „кров над глава“, не за нечиј луксуз. Но, доколку и тие имаат поголема квадратура на објектот кој што сакаат да го стават во правна рамка, ќе се плаќа комунален надоместок по повисока стапка, над одредена квадратура која што ќе биде зацртана - додаде Бочварски.

Останува решението стамбените згради со А2 намена, односно за семејно домување, да не можат бидат легализирани. Во подготовката на новото законско решение се консултирани Асоцијацијата на архитекти и Комората на овластени инжинери, но Бочварски смета дека и по усвојувањето и ставање во собраниска процедура, се уште ќе има место за конструктивни предлози и идеи од засегнатите страни во насока на подобрување на текстот на Законот.