Македонија
24. December 2025 - 16:34

Се одложува пресметката на просечна потрошувачка кошничка зашто синдикатите и работодавачите не дале мислење

Се одложува просечната потрошувачка кошничка што ќе ја пресметува државата. Методологијата е готова и требаше да се применува од јануари, ама се уште се чека мислење од синдикатите и работодавачите, вели министерот за економија. 

Кошничката им била доставена на увид и на двете страни пред локалните избори за ако имаат да достават забелешки, но Дурмиши вели дека досега не се изјасниле ни едните, ни другите. 

Ако и следниот месец не дадат мислење, Владата ќе ја објави таква каква што е. 

Кошничката е всушност математика што ќе ја прави државата и ќе треба да покаже колку пари му требаат на едно четиричлено семејство за да го истурка месецот, нешто налик на минималната синдикална кошница. 

Планот е да се објавува секој месец и да им служи на институциите при креирањето на идните економски политики.

А додека почне преметката, за време на новогодишните и божиќните празниците, мерки за цените ќе нема. Но, ќе има засилени контроли. 

- Пазарната инспекција е на терен и прави контроли. Само за 2025 година имаат направено рекордни 25 илјади контроли. Пишани се 2,5 милиони евра казни за трговци низ целата држава кои не го почитуваат законот или ги покачуваат цените. Ако се случува такво нешто, ќе донесеме одлука како што сме правеле во минатото – кажа министерот за економија, Дурмиши.

Министерот за економија на брифинг потврди дека очекува поскапената струја да повлече раст на цените и на основните производи. Тоа е нормална појава, рече Дурмиши.

Вчера Регулаторната комисија одлучи струјата од 1 јануари да поскапи од 2,45 до 3,84%, што на просечна сметка по блокови ќе значи скок од 57 до 900 денари.