Македонија
1. September 2025 - 16:32

Се уште е во финална фаза формирањето на странска комисија која ќе ги проверува наводите на д-р Кедев

Кои странски доктори ќе прават стручен надзор по наводите на Кедев за непотребни операции во приватни болници се уште не се знае. Од Министерството за здравство и денеска одговорија дека е во финална фаза формирањето на комисијата со експерти од европски земји, а кои се тие ќе ја информирале јавноста по комплетирање на тимот. Во игра беа кардиохирурзи од Словенија, Италија, Германија и Австрија.

Две недели по информациите на интервентниот кардиолог дека во приватни установи сечеле граден кош и правеле операции без потреба, се уште во Фондот за здравството осигурување нема претставка на граѓани кои се сомневаат во направени кардиолошки и кардиохируршки интервенции. Од менацментот на оваа установа повикаа ако има некој соменвања може да пријави без разлика дали има материјали или документи.

Од Министерството за здравство денеска не одговорија дали некој пишал на сајтот – пријавете неправилност, иако минатата недела упатија апел до сите кои се сомневаат во извршени операции во делот на кардиологија и кардиохирургија да пријават.

И додека чекаме на странската експертиза, 15 члената формирана интерна комисија  според здравствените власти работи и прибира медицинска документација од приватни и државни установи каде се прават интервенции на срце.

Интерната комисија активно работи и веќе е во тек подготовката на прелиминарната анализа. Комисијата е составена од врвни експерти од медицината, правото и економијата, и функционира според меѓународно утврдени стандарди и методи на работа, велат од министерството за здравство.

Нивната анализа треба да ја добијат странските доктори кои ќе треба да имаат целосен увид во состојбата и практиките во делот на кардиолошки и кардиохируршки интервенции. Инаку за вакви услуги Фондот за здравствено осигурување лани платил 45 милиони евра во јавни и приватни здравтвени установи.