Се уште се чекаат вештачењата за избоденото 14 годишно момче во паркот во Ченто
И по две недели се уште се на слобода напаѓачите кои избодеа 14 годишно момче во парк во Ченто. Откако беа сослушани во полициска станица, трите лица на возраст од 19 и 23 години се на слобода. МВР поднесе кривична пријава за насилство врз дете, дело за кое максималната казна е три години затвор. Полицијата го пронајде и го предаде на вештачење ножот со кој му биле нанесени 7 убоди во грб на момчето но резултат се уште нема.
„Истражните дејствија непречено се спроведуваат. Наредбата за обезбедување медицинска документација е издадена, се очекува наод од вештачење, а се преземаат и други дејствија.“, велат од Обвинителството.
Токму медицинската документација за карактерот на повредите на малолетникот ќе биде клучна. Извештајот треба да покаже дали квалификацијата на делото ќе остане насилство, или ОЈО ќе го преквалификува случајот во потешко кривично дело, како што е убиство во обид. За мајката на повредното дете, нејасно е зошто кривичната пријава е за насилство. Мотивот за нападот врз момчето не е познат, според неговата мајка ниту тој ниту семејството немале никакви недоразбирања со други лица. Според нејзиното сведоштво, напаѓачите биле маскирани, прво го нападнале физички по што го избоделе со нож, а со себе носеле и пушка калашников.
За случајот со врсничкото насилство во Аеродром обвинителството и полицијата работат на подготовка на пријавата, а за избоденото момче во училиште во Ченто уште во месец мај поднесена била пријава од МВР но се уште не е стигната во Обвинителството.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
