Се води истрага кој го подметнал пожарот на Вардариште, надлежните си ја префрлаат одговорноста
Голема полициска акција во депонијата Вардариште. Полицијата во координација со обвинителството е во увид на дивиот отпад кој го складираат жители кои престојуваат на оваа локација. Се пребарува горен бакар за да се утврди кој е евентуалниот причинител за пожарот кој избувна во неделата. Според информациите до кои дојде Сител пронајдени се изгорени бакарни жици како и див приклучок преку кој се краде струја.
Отпадот го пребаруваат и инспектори од Општината Гази баба. Од оваа локација и вчера се ширеше чад и неподнослива миризба на пластика и гума иако службите не добиле пријава за пожар.
На ова место пред два месеци општинските инспектори утврдиле дека е оставен и запален отпад од остатоци на автомобили. Иако потрупан со земја, отпадот вчера повторно бил потпален.
- Екипите на ЈКП Гази Баба изминатиот период во неколку наврати со големи количини на земја го посипуваа местото, но согласно информациите од инспекциските служби кои беа на терен од вчера вечерта повторно се забележува бел чад кој излегува од земјата. Од рано утрово екипите се на терен и на местото повторно се ставаат нови слоеви на земја.
Во државниот инспекторат пристигнале 4 граѓански пријави. Од Министерството за животна средина го евидентирале загадувањето преку мрежата на мониторинг станиците а надлежноста велат е на локалните самоуправи.
Граѓаните се организираат на протест против екоцидот кој им се случува од константото палење на депонијата Вардариште. Од денеска секој нареден ден најавија дека во 18 часот ќе го блокираат булеварот Србија и главната крстосница за да предизвикаат реакција кај властите.
Проблемот со Вардариште е резултат на повеќегодишна негрижа на Градот Скопје за оваа локација вели градоначалникот на О. Аеродром.
Од Град Скопје тврдат дека на Вардариште нема никаков потенцијал за еко катастрофа. Комунална за прв пат по 6 децении го исчистила просторот а градоначалничката тврди дека на таа локација повеќе не се генерира отпад.
- Во студијата изготвена за градот Скопје беше констатирано со примероци од подземната вода, отпад од телото на почвата на локацијата дека депонијата е во метанска стабилна фаза. Останатиот дел од таа локација се протега на 60 000 м2 и е надлежност на О. Гази Баба и општината има право и обврска да го одржува или оплемени просторот, со своите инспекциски служби да делува на лицата кои се обидуваат да креираат диви депонии.
Претходно кандидатот за градоначалник на Скопје и претседател на ЗЕЛС најави дека приоритет во изборната програма е ова место да прерасне во голем зелен парк и на тој начин планира да го реши изворот на најголемото загадување во главниот град. Темата Вардариште предизвика предизборно препукување меѓу кандидатите. Каја Шукова која е предложена од опозицискката СДСМ вели дека ветувањето е целосно неосновано а процесот на санација и деконтаминација на земјиштето би траел со години.
Од Зелен Хуман Град побараа итна седница во Советот на Град Скопје за проблемот со загадувањето од Вардариште.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар