Фудбал
25. November 2026 - 19:14

Седлоски повеќе не е селектор на Македонија, спогодбено се разделија со ФФМ

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и селекторот на А-репрезентацијата, Гоце Седлоски, спогодбено ја прекинаа соработката, објави ФФМ на својата официјална веб-страница.

– Понекогаш во фудбалот, без оглед на искуството, посветеноста и добрите намери, работите едноставно не се одвиваат онака како што сите посакуваат. Сметаме дека во овој момент е најдобро разделбата да биде во интерес на репрезентацијата, но и на Гоце Седлоски, без дополнителен притисок и негативни коментари, кои не треба да бидат товар за човек што оставил длабока трага во македонскиот фудбал.

Гоце не е само селектор што ја предводеше репрезентацијата во еден период. Тој е еден од најтрофејните македонски тренери, легендарен капитен и човек што со години е дел од историјата и развојот на нашиот фудбал. Можеби моментот во кој ја презеде репрезентацијата не беше идеален. Можеби високите очекувања, наспроти реалноста, околностите и резултатите, не се поклопија со она што сите го посакувавме.

Но, тоа не ги менува неговите заслуги, ниту придонесот што го има дадено за македонскиот фудбал. ФФМ му се заблагодарува на Гоце Седлоски за досегашната работа, посветеноста и професионалниот однос. Веруваме дека неговото искуство, знаење и љубов кон македонскиот фудбал и во иднина ќе бидат ставени во служба на нашиот фудбал, било на клупско или на репрезентативно ниво. Резултатите се дел од фудбалот. Почитта кон луѓето што го задолжиле треба да остане и по последниот натпревар – се наведува во објавата на ФФМ.