Седум годишно детенце загина во пожар во Гостивар - Родителите го држеле врзано со синџири
Во пожар загина 7 годишно дете кое било врзано со ланец за нозете. Се задушило во чадот откако избувнал пламен кој брзо се проширил во станот. Пожарот почнал нешто пред 8часот утрово, а останатите од повеќечленото семејство успеале да избегаат надвор. Повредена е 35 годишна мајка на детето, но по извршениот лекарски преглед не ја задржале во болница. Пожарникарите откако слушнале дека има дете во станот влегле помеѓу пламените јазици но било доцна. Детето е пренесено во болница каде лекарите констатирале смрт од задушување.
Од Обвинителството кое го води случајот соопштија дека телото на загинатото дете ќе биде предаено на обдукција.
-Првичните сознанија на лекарскиот тим на лице место упатуваат на тоа дека детето за време на пожарот било врзано со ланец на нозете. Според исказот на семејството, причина за врзувањето било што детето било агресивно. Обвинителството ги презема сите дејствија за утврдување на евентуална кривична одговорност.
Евакуирани биле сите станари од зградата на ул. Кеј Вардар. Соседите велат станува збор за потстанари кои се вселиле пред неколку дена во станот.
Пожарникарите го локализирале пожарот кој можел да се прошири и во останатите станови.
Допрва ќе се утврдува како настанал пожарот, но според првичните информации најверојатно станува збор за неисправно грејно тело. Семејството е згрижено од Центарот за социјални работи на Гостивар. Институциите ќе треба да одговорат зошто детето било врзувано.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
