Македонија
23. September 2025 - 19:40

Секој петти Македонец живее во сиромаштија

Секој петти Македонец живее под прагот на сиромаштија. Најпогодени се децата – речиси секое трето дете е под прагот на сиромаштија.

Државната статистика ги објави податоците за 2023 година. Најризични се семејствата кои имаат повеќе деца, но и семејствата со самохрани родители. Речиси половина од семејствата во овие две категории живеат под прагот на сиромаштија. Во споредба со податоците од 2022 година, кај семејствата со повеќе деца има благо намалување, но состојбата кај самохраните родители е идентична.

Иако стапката на вработенот е релативна ниска, сепак 8% од вработените и натаму се сиромашни. 

Кај пензионерите стапката на сиромаштија е околу 11%. 

За еден самец да излезе од сиромаштија потребно е годишно да заработува над 145 илјади денари, или над 12.000 денари месечно. Во 2022 потребни биле 16.000 денари помалку на годишно ниво.

За четиричлено семејство пак, потребно е родителите да заработуваат над 304 илјади денари, или над 25.300 денари месечно. Една година претходно, потребни биле 32.000 денари помалку. 

За експертите, незначителната промена на бројките од година во година се очекувани.

- За жал и оваа година нема ништо спектакуларно во однос на промената на стапката на сиромаштија. Бележиме минимален пад којшто не е поголем од 0,5%, што во вкупна бројка е речиси неосетно намалување. Навистина не очекував ништо поинаку бидејќи и во 2023, меѓутоа, еве во 2024, 2025 година ништо не се работи на тоа поле во однос на државна стратегија на намалување на стапката на сиромаштија, било каков национален консензус дека сакаме да ја намалиме сиромаштијата. Да, се случуваат парцијални промени во политиките, некакви мерки се преземаат одвреме навреме, меѓутоа, бројките се неблагодарни и ја отсликуваат вистината, вели Билјана Дуковска од Македонската Платформа против сиромаштија. 

Дуковска вели дека повремените мерки, како тие за замрзнување на маржите на основните производи само краткорочно го зголемуваат нивото на храна кои сиромашните семејства го конзумираат. Но тоа не го решава проблемот. Затоа смета дека потребна е координирана акција на сите надлежни.

- Ако ние работиме само на намалување на невработеноста, преку формирање на луѓето да излезат на пазарот на трудот или ќе бидат избришани од Агенцијата за вработување. Тоа е многу парцијално решение, доколку истото е проследено со социјални услуги, со мерки за активација, со подобрување на околината во којашто живеат, со подобрување на мерки коишто ќе го зајакнат нивното образование..Значи, еден комплетен сет коишто треба да ги добијат ние не можеме да очекуваме дека само еднострани интервенции ќе резултираат со промена, вели Дуковска. 

Податоците на Државната статистика покажуваат дека социјалните трансфери многу влијаат на стапката на сиромаштија. Па така, стапката пред социјалните трансфери е 40%, а со нив е 22,2%.